Жена во Сибир починала на 2 октомври од пневмонија со неутврдена причина, а се појавиле сомневања дека можеби била изложена на бактеријата што ја предизвикува чумата. Руските медиуми објавија дека речиси 200 луѓе биле ставени во изолација. Иако властите брзо се обидоа да ги смират стравувањата, на интернет продолжија да се шират шпекулации за можноста од нова епидемија.
Дарја Шипилова (28) работела во Институтот за борба против чумата во Иркутската област, во Сибир. Според непотврдени извештаи, таа развила симптоми слични на пневмонија откако скршила епрувета во која имало бактерија на чума или по теренска работа во Република Бурјатија, која се граничи со Монголија. Во тој регион чумата е присутна меѓу дивите животни, но причината за смртта на Шипилова сè уште не е потврдена, а лабораториските испитувања се во тек.
Сепак, експертите сметаат дека овој случај најверојатно нема да доведе до пандемија. Чумата и денес е сериозна заразна болест, но современата медицина, можноста за брзо откривање на симптомите и мерките за контрола на инфекциите значително го намалуваат ризикот од нејзино неконтролирано ширење.
Како се пренесува чумата?
Чумата ја предизвикува бактеријата Јерсинија пестис (Yersinia pestis). Клинички, постојат три главни форми на болеста: бубонска, белодробна и септикемична чума.
Бубонската чума е најчестата форма и најчесто се пренесува преку каснување од заразени болви. Откако ќе навлезе во човечкиот организам, бактеријата стигнува до лимфните јазли, каде што предизвикува болни отоци, најчесто во пределот на препоните, вратот и под пазувите. Пренесувањето на оваа форма од човек на човек е ретко, но бактеријата може да навлезе во крвотокот и да предизвика септикемична чума или да стигне до белите дробови и да предизвика белодробна чума.
Белодробната чума е особено опасна затоа што може да се пренесува од човек на човек преку ситни капки што се исфрлаат во воздухот при кашлање или кивање. Ако не се лекува навреме, може да биде смртоносна, а симптомите може да се појават веќе 24 часа по изложувањето на бактеријата.
Црната смрт, пандемија предизвикана од чумата во 14 век, усмртила повеќе од 25 милиони луѓе во Европа, односно меѓу една третина и две третини од населението на континентот. Болеста се ширела брзо поради развојот на трговските патишта и поморскиот транспорт на стоки, вклучително и житарки и брашно.
Но, условите денес значително се разликуваат од оние во средниот век.
Антибиотиците можат успешно да ја лекуваат болеста
Една од главните причини поради кои се смета дека е малку веројатна нова пандемија е тоа што чумата денес може да се лекува со антибиотици што се широко достапни. Иако белодробната чума може да биде исклучително опасна без навремена терапија, раното откривање и лекување значително ги подобруваат шансите за преживување.
„Имаме два начина на лекување што многу добро дејствуваат против бубонската чума“, вели Пјеро Олијаро, професор по инфективни болести поврзани со сиромаштијата на Универзитетот во Оксфорд, Англија.
Олијаро и неговите колеги во 2025 година ги објавиле првите резултати од контролирано клиничко испитување на лекувањето на бубонската чума на Мадагаскар. Студијата покажала дека два антибиотика — ципрофлоксацин, кој се зема орално, и аминогликозид, кој се дава со инјекција — биле ефикасни кај 91, односно 92 отсто од случаите. Дури и меѓу малубројните пациенти кај кои болеста преминала во белодробна форма, 85 отсто закрепнале и преживеале благодарение на навременото лекување.
Зошто чумата не се шири како ковид-19?
Друга важна разлика е што белодробната чума, за разлика од ковид-19, се пренесува откако ќе се појават симптомите. Тие обично се развиваат во рок од 24 часа, а болеста предизвикува тешки и лесно забележливи симптоми. Тоа им овозможува на здравствените служби брзо да ги препознаат заболените, да ги изолираат и да започнат со лекување пред инфекцијата да се прошири понатаму.
„Тоа не е нешто што не би го забележале — симптомите кај луѓето што влегуваат во авион, патуваат и ја шират инфекцијата низ светот би биле очигледни“, вели Занја Стаматаки, вонредна професорка по вирусна имунологија на Универзитетот во Бирмингем, во Обединетото Кралство.
Според Светската здравствена организација (СЗО), наводно се идентификувани контактите на пациентите и тие се под здравствен надзор, а засега никој од нив нема симптоми на болеста. Таквите мерки се во согласност со препораките на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кои предвидуваат идентификување на лицата што можеби биле изложени на инфекцијата, нивно следење и тестирање, ставање во карантин кога е потребно и давање антибиотици.
Портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, во вторникот ја соопштил првичната процена на ризикот. „Ризикот е умерен до низок за Иркутск, низок за Руската Федерација во целина и многу низок за европскиот регион на СЗО“, изјавил тој пред новинарите.
Колку е безбедна лабораториската работа со опасни бактерии?
Општо земено, пренесувањето инфекции во лабораториски услови е исклучително ретко, бидејќи се применуваат строги протоколи за да се спречи случајно изложување на опасни микроорганизми. Сепак, самиот факт дека се работи со опасни бактерии значи дека безбедносните процедури мора доследно да се почитуваат.
„Тоа се високо специјализирани лаборатории. Имаат повеќе слоеви на заштита“, објаснува Стаматаки.
Истражувачите носат целосна лична заштитна опрема, а примероците се обработуваат во специјални кабинети за биолошка безбедност. Во нив се одржува негативен воздушен притисок, што значи дека воздухот струи навнатре, а не кон лицето што работи со примерокот. На тој начин се намалува ризикот опасните честички да излезат од заштитениот простор.
„Ако се скрши епрувета, тоа се случува во внатрешноста на кабинетот, а техничарот би бил заштитен“, вели Стаматаки. Таа додава дека и при транспортот епруветите се сместуваат во дополнителни заштитни садови, додека лабораториските техничари поминуваат ригорозна обука за безбедно ракување со примероците.
Чумата не исчезнала — и денес предизвикува смртни случаи
Една од причините поради кои чумата се ширела толку брзо во 14 век биле лошите услови за живот. На улиците имало многу отпад и остатоци од храна, што создавало поволни услови за глодарите и болвите што ја пренесувале болеста. Луѓето живееле блиску едни до други, а трговците поминувале месеци на преполни бродови. Во голем дел од светот, денешните санитарни услови, медицинските услуги и системите за јавно здравје се значително подобри.
Тоа, сепак, не значи дека чумата е болест од минатото. Таа и натаму е присутна меѓу популациите на глодари во делови од Африка, Азија, Јужна Америка, па дури и во Соединетите Американски Држави. Секоја година се регистрираат и случаи на заразени луѓе. Во САД, на пример, просечно се пријавуваат околу седум случаи годишно.
Во некои региони повремено се појавуваат локални епидемии, при кои белодробната чума се пренесува од човек на човек. За време на епидемијата на Мадагаскар во 2017 година биле регистрирани 2.417 заболени и 209 починати.
Олијаро нагласува дека можноста ваквите епидемии да се стават под контрола е еден од показателите дека чумата денес најчесто останува ограничена на локално ниво, наместо да се претвори во пандемија.
Тоа, меѓутоа, не значи дека болеста треба да се занемари. Иако е малку веројатно чумата повторно да добие глобални размери, потребни се континуирани вложувања во лекување, следење и спречување на инфекциите.
„Можеби не погодува голем број луѓе на глобално ниво, но и понатаму предизвикува страдање. Тоа е сериозна болест и затоа не смееме да заборавиме дека чумата сè уште постои“, вели Олијаро.