Зошто автомобилот троши повеќе гориво и кога моторот е сосема исправен?

Блокирани сопирачки, истушени гуми или заглавен термостат крадат гориво без возачот да забележи дефект под хаубата.

Кога просечната потрошувачка на гориво наеднаш ќе скокне за литар или два, повеќето возачи веднаш помислуваат на дефект на моторот. Сепак, вистинската причина за зголемениот трошок често лежи надвор од погонскиот агрегат. Дополнителниот отпор при возењето, заглавените делови од системот за сопирање или возењето со постојано ладен мотор можат да направат сериозна дупка во буџетот, дури и кога дијагностиката на моторот не покажува никаква грешка.

Бројките што ги прикажува патниот компјутер не секогаш даваат точна слика. Наглиот скок на просекот често е резултат на сообраќаен метеж, неколку последователни ладни стартови или промена на секојдневната рута.

Најсигурен метод за проверка останува класичната математика при точење гориво. Наполнете го резервоарот до врв и ресетирајте го бројачот на поминати километри. При следното полнење, поделете го бројот на наточени литри со поминатите километри и помножете го резултатот со сто. За прецизна проценка, споредете ги резултатите од две или три последователни полнења, бидејќи едно мерење лесно може да отстапува поради временските услови или тежината на ногата на гаста.

Еден од најчестите причинители на поголема потрошувачка е падот на притисокот во гумите. Доволно е гумите да изгубат само неколку десетинки од барот за да се зголеми отпорот при тркалање. Моторот тогаш мора да троши повеќе енергија за да ја одржи истата брзина на движење.

Сличен отпор предизвикуваат и неправилната геометрија на тркалата, како и несоодветните димензии на гумите. Дополнителен товар претставуваат кровните носачи и кутии, кои драстично ја нарушуваат аеродинамиката при возење на автопат. Во градски услови, пак, секој непотребен килограм оставен во багажникот бара дополнително гориво при секое тргнување од семафор.

Ако потрошувачката нагло се зголеми, проблемот може да биде скриен во тркалата. Заглавена сопирачка или закочена плочка што постојано притиска врз дискот создава постојан отпор додека возилото се движи.

Возачот може да го забележи овој дефект по послабото забрзување и по тоа што автомобилот нагло успорува веднаш штом се ослободи педалата за гас. Често се појавува и мирис на прегреани кочници, а возилото може да влече на едната страна. Доколку се појави сомнеж за ваков проблем, дисковите не треба да се допираат со рака поради екстремно високите температури. Ваквиот дефект мора веднаш да се отстрани во сервис, бидејќи покрај потрошувачката директно ја загрозува безбедноста.

По секое палење, моторот троши побогата смеса од гориво и воздух сè додека не достигне оптимална работна температура. Доколку автомобилот се вози само на куси релации од по неколку километри, агрегатот речиси цело време работи во неекономичен режим, што природно ја зголемува потрошувачката во зима.

Проблемот настанува кога моторот не успева да загрее ниту по подолго возење. Во тој случај најчест виновник е термостатот што останал заглавен во отворена положба. Стрелката за температура останува ниско, парното греење во кабината е слабо, а компјутерот постојано вбризгува повеќе гориво како моторот сè уште да е ладен. Замената на термостатот е релативно евтин зафат со кој веднаш се враќа нормалната потрошувачка.

Кај дизел возилата зголемениот апетит за гориво често сигнализира проблем со филтерот за цврсти честички (DPF). Кога процесот на регенерација постојано се прекинува поради градско возење, системот упорно вбризгува дополнителни количини дизел за да ја подигне температурата во издувот, истовремено зголемувајќи го противпритисокот во моторот.

Кај возилата со автоматски менувач, зголемената потрошувачка се јавува кога менувачот без потреба задржува понизок степен на пренос, пролизгува или одбива да префрли во највисоката брзина. Работата на повисоки вртежи автоматски значи повеќе гориво. Доколку растот на потрошувачката е придружен со пад на моќноста, чад од ауспухот или палење на предупредувачки сијалички на таблата, возилото веднаш бара стручна дијагностика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс