Зошто Apple чекаше десет години за преклопен iPhone?

Компанијата со години ја истражувала технологијата на преклопни екрани, но чекала материјалите, дизајнот и технологијата да созреат пред да влезе на пазарот

Уште пред Samsung во 2019 година со првиот Galaxy Fold да ја популаризира категоријата на преклопни телефони, инженерите на Apple веќе ги истражувале флексибилните екрани, шарките и заштитното стакло. Сепак, Apple на пазарот на преклопни телефони влегува меѓу последните, речиси една деценија по првите конкуренти.

Според анализата на Марк Гурман од Bloomberg, токму долгото чекање е една од најинтересните приказни зад првиот преклопен iPhone. Станува збор за најголемата промена во дизајнот на iPhone во речиси две децении, а производот е особено важен за Apple бидејќи iPhone носи приближно половина од вкупната продажба на компанијата.

Не е важно кој е прв, туку кој ќе го направи подобро

Причината за долгото чекање се вклопува во една од препознатливите стратегии на Apple.

Компанијата ретко е првата што влегува во целосно нова категорија. Наместо тоа, често им дозволува на конкурентите да ги тестираат првите генерации, да ги откријат слабостите и да го развијат пазарот, а потоа се обидува да понуди производ кој изгледа како технологијата да била усовршена уште од самиот почеток.

Сличен пристап Apple имаше со MP3-плеерите, таблетите и паметните часовници. Дури и оригиналниот iPhone не беше првиот паметен телефон, пед него постоеја BlackBerry, Palm и уреди со Windows Mobile. Суштината е во тоа Apple да влезе во одредена категорија кога може да понуди сопствено, поинакво и пософистицирано решение.

Преклопниот телефон, според оваа логика, е типичен пример.

Наместо да брза со уред кој ќе бара премногу компромиси од корисникот, Apple чекал технологијата да достигне ниво што компанијата би можела да го оправда. А преклопните телефони долго време имаа токму такви компромиси, висока цена, видлив набор на екранот, ограничувања со издржливоста и батеријата.

Четири големи технички проблеми

Според Bloomberg, инженерите на Apple рано идентификувале четири главни пречки што морале да бидат надминати пред преклопниот iPhone да биде подготвен за пазарот.

Првиот проблем бил видливиот набор на флексибилниот екран. Вториот била шарката, која мора да издржи десетици илјади отворања и затворања. Третиот било развивањето нов вид флексибилно заштитно стакло, а четвртиот, поставувањето на дел од камерата под самиот екран за да се искористи максимално неговата површина.

Ниту еден од овие проблеми не можел да се реши преку ноќ. Apple на крајот развил напредна шарка изработена од комбинација на титаниум и алуминиум, како и специјално заштитно стакло развиено во соработка со Corning. Целта е наборот на екранот да биде значително помалку забележлив отколку кај голем дел од денешните преклопни телефони.

Токму речиси невидливиот набор би можел да биде една од главните предности со кои Apple ќе се обиде да се разликува од конкурентите.

Apple долго време не знаел каков преклопен уред сака

Технологијата, сепак, не била единствената причина за одложувањето. Во компанијата со години немало целосна согласност околу тоа каков производ всушност треба да биде преклопниот уред. Една од раните идеи била уред кој повеќе би личел на iPad mini што се преклопува и станува поголем таблет.

Пресвртот, според информациите на Гурман, дошол околу 2020 година.

Тогаш Тим Кук се вратил од патување во Азија со поинаков став кон преклопните телефони. Таму гледал како корисниците користат уреди на Samsung, Huawei и други производители и заклучил дека Apple мора да има сопствено решение. Наместо идејата за преклопен iPad, концептот постепено бил пренасочен кон преклопен iPhone.

Дизајнот конечно се оформил во 2023 година

Конечната насока за дизајнот се искристализирала околу 2023 година.

Според достапните информации, Apple се определил за релативно низок и широк уред. Внатрешниот, расклопен екран би требало да биде со дијагонала од околу 7,8 инчи, што би овозможило поудобно гледање видео и работа со повеќе апликации.

Надворешниот екран би имал околу 5,5 инчи, што би требало да овозможи телефонот да остане доволно компактен за носење во џеб. Во текот на развојот, дизајнерите наводно го опишувале уредот како телефон кој преклопен е приближно со големина на пасош, а расклопен потсетува на Magic Trackpad.

Најголемиот проблем бил да се намалат компромисите

На крајот, најголемиот предизвик не бил еден конкретен технички проблем, туку комбинацијата од сите нив. Преклопниот телефон природно носи одредени компромиси. Камерите може да бидат ограничени од тенкото куќиште, батеријата има помалку простор, механизмот за преклопување влијае врз издржливоста, а за дел од функциите корисникот мора прво да го отвори уредот.

Да се реши еден проблем е едно. Да се направи целиот производ да функционира како една добро усогласена целина е многу потешко. Затоа, според оваа логика, Apple не чекал само технологијата да стане достапна.

Чекал да се исполнат три услови: технологијата да созрее, дизајнот да понуди реална причина за постоење на преклопен iPhone и крајниот производ да има доволно предности за купувачот да ги прифати неизбежните компромиси.

Токму кога овие три услови почнале да се поклопуваат, Apple проценил дека преклопниот iPhone конечно има доволно смисла за да излезе на пазарот.


е-Трн да боцка во твојот инбокс