Зошто Америка сè уште има војска низ Европа? Одговорот води до Студената војна

САД, како најсилна воена сила во Алијансата, сметаа дека трајното присуство во Европа е клучно средство за одвраќање на Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт

Од Азорските Острови до Романија, од северот на Норвешка до Сицилија, американски војници и денес се распоредени низ голем дел од Европа. Станува збор за сложена воена мрежа која постојано се менува, особено за време на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.

Само неколку дена откако беше стопирана ротацијата на околу 4.000 американски војници во Полска, Трамп најави испраќање дополнителни 5.000 војници, нагласувајќи ги добрите односи со полскиот националистички претседател Карол Навроцки.

Како почна американското воено присуство во Европа?

По завршувањето на Втората светска војна во 1945 година, сојузот меѓу западните сили и Советскиот Сојуз се распадна, а светот се подели на два блока. Западните сојузници предводени од САД во 1949 година го формираа НАТО како одговор на заканата од ширење на комунизмот и можен конфликт со Москва.

САД, како најсилна воена сила во Алијансата, сметаа дека трајното присуство во Европа е клучно средство за одвраќање на Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт. Во доцните 1950-ти години, во Европа имало дури 475.000 американски војници. По распадот на СССР во 1991 година бројот постепено се намалуваше, но по руската анексија на Крим во 2014 година повторно почна да расте.

Каде денес има најмногу американски војници?

Најголемото присуство е во Германија, која уште за време на Студената војна се сметаше за можна прва линија на фронтот во евентуална Трета светска војна. Според американското Министерство за одбрана, таму има повеќе од 36.000 активни војници.

Во Штутгарт се наоѓаат командните центри EUCOM и AFRICOM, задолжени за операции во Европа и Африка. Во базата Рамштајн се наоѓа главниот логистички центар за операции кон Блискиот Исток, додека во Ландштул е најголемата американска воена болница надвор од САД.

Се верува и дека во базата Бихел има американско нуклеарно оружје во рамките на НАТО системот за нуклеарно одвраќање.

По Германија следуваат: Италија со околу 12.700 американски војници, Велика Британија со околу 10.200 војници. Во Италија има воздушно-десантни единици и поморска команда за Европа и Африка, додека британските бази се клучни за НАТО воздушните операции.

Зошто САД сè уште ги држат овие бази?

Американските бази во Европа не служат само за одбрана на континентот, туку и како глобални логистички и оперативни центри. На пример, базите во Германија и Велика Британија имаат важна улога во операциите на САД на Блискиот Исток.

Сепак, некои европски држави почнаа да поставуваат ограничувања: Италија одби користење на базата Сигонела за операции против Иран, а Шпанија забрани прелети и користење на свои бази. Трамп реагираше со закани за повлекување на американските сили од тие земји.

НАТО и одвраќањето на Русија

Американските сили играат клучна улога и на источниот фронт на НАТО, особено во Полска и балтичките држави. По 2016 година НАТО формираше мултинационални борбени групи за брза реакција во случај на руски напад. Наместо трајно стационирање, војниците ротираат на секои шест месеци. Во рамките на операцијата „Atlantic Resolve“, САД редовно испраќаат дополнителни копнени, воздушни и поморски сили во Германија и Полска.

Во последните недели Пентагон во последен момент стопираше испраќање на 4.000 војници во Полска, иако опремата веќе била подготвена. Американските медиуми пишуваа за буџетски проблеми, но и за честите закани на Трамп за намалување на американското воено присуство во странство.

Подоцна Трамп повторно го смени ставот и најави испраќање дополнителни 5.000 војници во Полска. Истовремено, тој најави и повлекување на 5.000 војници од Германија по конфликт со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Во меѓувреме, САД официјално се откажаа и од планот од времето на Џо Бајден и Олаф Шолц за распоредување американски ракети со среден дострел во Германија во 2026 година.

Колку американските бази значат за локалната економија?

Американските воени бази носат огромни економски придобивки за локалните заедници. Освен што самите војници трошат пари, базите отвораат илјадници работни места директно и индиректно, преку градежни работи, логистика, услуги и локален бизнис. Во големи бази како Рамштајн во Германија или Авијано во Италија се создаваат стотици милиони евра економски промет годишно.

Обичен американски војник денес може да заработува и до 4.000 евра месечно, додека офицерите добиваат и значително повеќе, што дополнително влијае врз локалната економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс