Куманово воведува зонско паркирање: за станарите ќе биде бесплатно

Куманово најавува зонско паркирање, нови паркинг-капацитети, расчистување на локации во центарот и отворање автопазар во Долно Коњаре.

Куманово најавува воведување зонско паркирање, проширување на паркинг-капацитетите и расчистување на повеќе локации во централното градско подрачје, со цел да се намали сообраќајниот притисок и недостигот од слободни места.

Градоначалникот Максим Димитриевски најави дека за жителите кои живеат на адресите каде што ќе биде воведено зонско паркирање, паркирањето ќе биде бесплатно. Останатите граѓани ќе плаќаат согласно одлуката што Советот ја донел пред повеќе од девет години.

Со ова, зонското паркирање треба да воведе ред во делови од градот каде недостигот од паркинг-места одамна е секојдневен проблем, но и да ги заштити станарите што живеат во тие зони.

Една од клучните локации е Табакана, каде веќе се расчистуваат времени објекти. Наместо претходно најавуваниот станбено-деловен комплекс, на овој простор се планира проширување на паркинг-просторот и уредување современ урбан парк.

Општината апелира сопствениците сами да ги отстранат објектите, а доколку тоа не го направат, најавува дека ќе интервенира согласно законските надлежности, со можност трошоците да бидат наплатени од нив.

Нови урбани содржини се најавуваат и во центарот на градот, на дел од плоштадот спроти „Комитет“, за што се предвидуваат средства со ребалансот на буџетот.

На локацијата кај поранешното хемиско чистење, урбанистичките планови предвидуваат изградба на подземна и надземна катна гаража, но реализацијата засега е ограничена поради високите трошоци за експропријација.

Проблематична останува и локацијата Чорбенско Ќоше, каде со години се врши паркинг-дејност спротивно на законските прописи. Дел од објектите таму се прогласени за склонопадни, а Општината најавува дека, ако сопствениците не ги отстранат, ќе постапи согласно закон.

Покрај новите паркинг-решенија во градското јадро, Куманово најавува и отворање на првиот автопазар во селото Долно Коњаре. Пазарот треба да работи секоја сабота од 7 до 15 часот, со капацитет од 200 до 300 возила за продажба.

Уредениот паркинг-простор на оваа локација ќе има капацитет за околу 1.200 возила, што според најавите треба дополнително да го растовари градот и да создаде подобри услови за трговија со автомобили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс