„Свињи“ и „Теорема“: „Златен Елец“ носи две нови театарски приказни

Дуодрамата „Свињи“ ќе има премиера во Битола, додека „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини ќе биде изведена во МКЦ и во Сули ан во рамки на „Скопско лето“.

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје подготвува две нови претстави што ќе имаат премиери во јули. Станува збор за дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, и „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини, во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ.

„Свињи“ веќе се подготвува во Битола, како копродукција меѓу Театар „Златен Елец“ и Центарот за култура во Битола. Во претставата играат актерките Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, музиката е на Лука Тоше, а извршен продуцент е Бобан Алексоски. Премиерата е најавена за почетокот на јули во Битола, по што претставата треба да патува низ државата и да учествува на фестивали.

Станува збор за драма што преку апсурд, црн хумор и гротеска отвора прашања за моќта, одговорноста, самотијата, насилството и бегството од реалноста. Ликовите, затворени во сопствен свет, ја отсликуваат потребата за контрола, проектирање неуспеси и создавање паралелни реалности во кои насилството се прикажува како нужност, а не како зло.

Режисерката Тамара Стојаноска вели дека „Свињи“ не е само драма или комичен текст со апсурдни елементи, туку „егзистенцијална состојба“. Според неа, претставата не се обидува да осудува, туку да разбере како се раѓа насилството во свет што со генерации оди по истиот насилен пат, без суштински промени и без емпатија.

Паралелно со тоа, „Златен Елец“ следната недела во Скопје продолжува со пробите за „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини. Во претставата играат Златко Митрески, Бобан Алексоски, Бранко Михајлоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Стефан Вујисиќ. Драматург е Ева Камчевска, а костимите се на Лина Лековиќ.

Премиерата на „Теорема“ е закажана за 2 јули во Младинскиот културен центар во Скопје, а на 3 јули претставата ќе има премиера на отворено во Сули ан, во рамки на „Скопско лето“. Претставата е финансирана од Хартефакт во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за култура и туризам.

Координаторот на проектот Бобан Алексоски посочува дека Пазолини и неговата „Теорема“ првпат се работат во македонскиот театар. Делото, создадено како филм и роман во 1968 година, ја следи приказната за мистериозен посетител кој влегува во животот на едно буржоаско италијанско семејство и го менува секој негов член. По неговото заминување, сите остануваат со сопственото отсуство, празнина и можност за распад или избавување.

Покрај двете премиери, „Златен Елец“ најавува и учества на повеќе фестивали, меѓу кои МТФ „Војдан Чернодрински“, „Скопско лето“ и Нишвил – Меѓународниот театарски фестивал во Ниш, Србија, со претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс во режија на Тамара Стојаноска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс