Температурите на Антарктикот овој месец надминаа 15°C, со што е урнат претходниот зимски температурен рекорд за овој замрзнат регион. Научниците предупредуваат дека ваквите екстреми се загрижувачки сигнал за брзината на климатските промени.
Новата рекордна зимска температура од 15,4°C била измерена на 6 јуни во аргентинската база Есперанса, на полуостровот Тринити. Рекордот бил забележан среде долготраен топлотен бран, во кој највисоката дневна температура три недели по ред била над нулата, пишува „Гардијан“.
Според научниците, измерените 15,4°C се за два степени повисоки од претходниот рекорд, поставен на истата станица во 1998 година.
„Ова е целосно неверојатно“, изјавил Раул Кордеро, еквадорски професор по климатологија на Универзитетот во Гронинген. Според него, станува збор за температура што е околу 20°C над нормалата за овој период од годината.
Необично силни топли ветрови од север дуваа над голем дел од Антарктичкиот Полуостров. Кордеро посочил дека една чилеанска метеоролошка станица, Бунен Ривера, измерила температура од речиси 13°C.
Наместо снег – кал и дожд
На островот Кинг Џорџ, оддалечен околу 160 километри од базата Есперанса, истражувачите велат дека пејзажот се променил од претежно бел во кафеав, сив и зелен, откако температурите на 6 јуни достигнале 4,6°C.
„Изминатиот викенд беше многу необичен. Температурите беа толку високи што сè надвор се стопи“, изјавил чилеанскиот глациолог Луис Муњоз. Тој додал дека во овој период од годината вообичаено има околу 20 сантиметри снег и многу мраз на тлото.
Муњоз раскажал дека заедно со колешката Наталија Местре се искачиле на околу 500 метри високиот врв на блискиот глечер Колинс, каде што биле изненадени од дожд што го топел мразот.
„Тоа директно влијае врз глечерот, кој во овој период треба да акумулира снег. Не би требало да губи мраз во ова време од годината. Очигледно е дека тоа не е добро за глечерот“, изјавил тој.
Човечко влијание и долгорочни последици
Антарктичкиот регион е под сè поголем притисок од човековите активности – директно преку истражување на ресурси и туризам, но и индиректно преку согорување фосилни горива, што ја загрева планетата.
Научниците предупредуваат дека некои од најголемите глечери во регионот, како Твејтс и Пајн Ајленд, се приближуваат или можеби веќе ја поминале точката по која нивното топење може значително да го зголеми глобалното ниво на морето.
Дополнително, истражувањата покажуваат дека топењето на антарктичкиот мраз може да ја забави глобалната циркулација на океаните, што има последици за климатските системи низ целиот свет.
Кордеро објаснува дека еден зимски топлотен бран, колку и да е екстремен, сам по себе нема веднаш значително да влијае врз нивото на морето. Но, според него, тој укажува на загрижувачки долгорочни трендови.
„Овој топлотен бран се случи поради исклучително силни западни ветрови. Таквите ветрови се јавуваат сè почесто од осумдесеттите години, а познато е дека тоа е поврзано со климатските промени“, изјавил Кордеро.