Жесток руски напад врз Киев: најмалку шест загинати, Полска ги крена воените авиони

Најмалку шест лица загинаа, а 23 се повредени во руски ракетен напад врз Киев. По нападот, Полска превентивно ги крена воените авиони поради заканата за нејзиниот воздушен простор.

Најмалку шест лица загинаа, а 23 се повредени во жесток руски ракетен напад врз Киев, соопшти рано утринава градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко. Според првичните информации, руските балистички ракети погодиле повеќе локации во градот, меѓу кои станбени и нестамбени објекти, магацини и детска болница.

На една од локациите избил пожар откако биле погодени горните катови на деветкатница. На друга локација, според Кличко, луѓе останале заробени во објект погоден во нападот. Очевидец на „Ројтерс“ изјавил дека слушнал повеќе од десет експлозии низ Киев.

Полска ги крена воените авиони

По рускиот напад со балистички ракети, Полска активираше превентивни операции на своето воено воздухопловство за да го заштити својот воздушен простор. Полската армија соопшти дека мерката е преземена поради интензивните руски воздушни напади врз Украина.

Ова не е првпат Полска да ги активира своите борбени авиони во услови на големи руски воздушни напади врз соседна Украина, особено кога постои ризик од нарушување или приближување на воздушни цели до полскиот воздушен простор.

Киев повторно под силен напад

Русија и Украина продолжуваат со речиси секојдневни воздушни напади, повеќе од четири години по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. И покрај дипломатските напори во кои се вклучени САД и европските земји, досега не е постигнат траен прекин на огнот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека Киев им доставил предлози за план за завршување на војната на американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Од Москва, пак, велат дека досега не добиле конкретни предлози за нови средби со американските претставници. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјавила дека Москва е подготвена за средба во краток рок доколку биде договорена.

Во меѓувреме, новиот руски напад врз Киев повторно ја зголемува загриженоста за ширењето на последиците од војната надвор од украинска територија, особено поради реакцијата на Полска и активирањето на нејзиното воено воздухопловство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс