Меѓународен ден на готвачите: Жените го пишуваа рецептот, мажите го потпишуваат менито

На Меѓународниот ден на готвачите, бројките се неумоливи: жените готват дома, но само шест отсто од Мишелин-кујните во светот ги водат шефици.

На 20 октомври светот го одбележува Меѓународниот ден на готвачите, воспоставен во 2004 година од Бил Галагер, тогашен претседател на Светското здружение на готвачи. Професијата што ја слави ова здружение има јасна полова слика: од 2.286 ресторани со Мишелин-ѕвезди во 16 земји, само 6,04 отсто ги водат жени. Кујната дома е женска; кујната со ѕвезди е машка.

Шест отсто, без разлика кога ќе броите

Бројката е тврдоглава. Студијата на „Шефс пенсил“ од 2022 година покажа дека и од 100-те најдобри ресторани во светот само 6,73 отсто имаат шефица. Анализата на „Блумберг“ од јануари 2024 дојде до речиси истиот резултат: 219 од 3.470 Мишелин-ресторани, нешто над 6 отсто.

Во Франција, татковината на Мишелин, жените водат 5 отсто од ресторантите со ѕвезди, во САД 7, а во Велика Британија 8 отсто. Во Сингапур, Ирска, Шведска и Данска во анализата немаше ниту една. Во Холандија една шефица беше на 112 ресторани, а во Германија 13 на 337.

На самиот врв е уште потесно. До крајот на 2019 година, жените беа под 4 отсто од готвачите со три Мишелин-ѕвезди. Иронијата е што тоа не е нов проблем: жените беа меѓу првите добитнички на ѕвезди, а првите три ѕвезди за жени дојдоа уште во изданието од 1933 година.

„Нема доволно жени“: изговорот на Мишелин

Малиот број шефици со ѕвезди постојано носи критики за водичот, а Мишелин одговара со посочување на малиот број жени во професијата воопшто. Податоците го оспоруваат тој аргумент: според „Шефс пенсил“, околу една четвртина од готвачите во светот се жени, а само 6 отсто стигнуваат до врвот.

Каде се губат? Одговорот е во платата, во кујната и дома. Во САД во 2023 година, шефиците и главните готвачки со полно работно време заработуваа 81 цент за секој долар што го заработуваат мажите, односно 164 долари помалку неделно. Во Велика Британија, 44 отсто од шефиците во едно истражување работеле како единствена жена во кујната, а третина изјавиле дека полот имал негативно влијание врз нивната кариера.

Кујната како бојно поле

Социолошките истражувања ја опишуваат културата. Две систражувачки од Државниот универзитет во Тексас утврдиле дека жените во професионалните кујни се под притисок да водат тим без да бидат етикетирани како „кучки“ кога се строги, или како „големи сестри и мајки“ кога не се. Затоа многу од нив ја напуштаат професијата по раѓањето деца, освен ако немаат партнер или мрежа за поддршка.

Изговорите имаат долга историја. Уште во 1987 година „Крисчен сајенс монитор“ пишуваше дека жените во кујните најчесто завршуваат во оставата или на слатките. Ан-Софи Пик, една од ретките Французинки со три Мишелин-ѕвезди, раскажува дека пред триесетина години тешките садови биле изговор жените да се одвратат од професијата, со тврдење дека не се доволно силни.

Сексизмот не е минато. Кога британскиот шеф Џејсон Атертон во интервју за „Тајмс“ изгледаше како да го негира неговото постоење, 70 шефици и угостителски работнички, предводени од Сали Абе и Дара Клајн, потпишаа отворено писмо за крај на сексизмот и нееднаквоста во индустријата.

Норвешката шефица Хајди Бјеркан, единствената жена со Мишелин-ресторан во Скандинавија во анализата, објаснува дека жените сè почесто бараат баланс меѓу работата и животот, бидејќи носат поголем дел од грижата за децата и домот.

Најблиску до нас, словенечката шефица Ана Рош, поранешна добитничка на наградата за најдобра шефица во светот, изјави дека очекувала уделот на жени на врвот да биде уште помал. Во соседна Албанија, пак, Здружението на готвачи, член на светската организација од 2018 година, го слави 20 октомври како национална традиција.

Македонската кујна живее во домовите

Во Македонија, рецептите се пренесуваат од мајка на ќерка, во домашни тетратки и на славски трпези. Еден пример го забележа и јапонски медиум: мајката на тогашната македонска амбасадорка во Јапонија, Андријана Цветковиќ, првпат се качила во авион за да подготви вистински домашен македонски оброк во амбасадата во Токио. Амбасадорката објасни дека во Македонија, кога доаѓаат гости, домаќините даваат сè од себе за храната, како дел од гостопримството.

Таа е типичната македонска чуварка на кујната: без титула, без ѕвезда, без потпис на менито.


Промени има, но бавно. Во новото издание на Мишелин-водичот за Сеул и Бусан за 2026 година, жените водат 5 од 46 ресторани со ѕвезди, или 10,9 отсто. Тоа е прв пат во Јужна Кореја уделот да ја премине границата од 10 отсто, додека глобално сè уште лебди меѓу 5 и 10 отсто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс