Државниот завод за ревизија во својот конечен извештај утврди дека Македонија нема воспоставено ефективни политики и мерки за поголемо учество на жените на раководни функции во органите на централната власт. Иако жените сочинуваат речиси 58 отсто од вработените во јавниот сектор, нивното присуство на одлучувачките позиции драстично опаѓа, особено во извршната власт каде што изборот зависи исклучиво од политичка волја, а не од законски квоти.
Бројките на државните ревизори вадат на површина остар јаз меѓу законодавната и извршната власт. Во Собранието законската обврска за најмалку 40 отсто застапеност на помалку застапениот пол дава стабилен резултат, па пратеничкиот состав бележи 39,2 проценти жени, што ја става земјата пред повеќето држави во регионот и Европската Унија.
Штом погледот ќе се сврти кон „Илинденска“, сликата се прекршува. Во актуелниот владин состав, од вкупно 20 ресорни министерства, само три ги водат жени, што е скромни 15 отсто. Ниту еден од петте заменици на претседателот на Владата не е жена. Историјата не бележи ниту една премиерка од осамостојувањето до денес, додека функцијата претседател на Собранието останува недостапна за жените повеќе од три децении.
Посебен проблем што го детектира ревизијата е начинот на кој се пополнуваат директорските места во институциите на централно ниво. Именувањата не се унифицирани, туку зависат од поединечни закони каде што нема никакви одредби за родов баланс.
Ревизорите утврдија масовна практика на назначување вршители на должност без распишување јавен оглас. Овој механизам создава сериозен ризик за квалитетот и компетентноста на раководниот кадар, а истовремено ја исклучува транспарентноста. Во центрите за социјална работа, на пример, од 30 именувани директори, дури 27 се вршители на должност, додека во сите девет јавни установи од оваа дејност раководат лица со привремен статус. Сличен модел на надлежните им овозможува дискреционо одлучување наместо постапка заснована на заслуги.
Податоците од теренот покажуваат дека бројноста на жените во одредени професии не значи пристап до раководните лостови. Здравството е највидлив пример. Иако медицинскиот персонал во најголем дел го сочинуваат жени, кај 28 јавни здравствени установи опфатени со анализата, 21 институција ја водат мажи, а само седум жени.
Дипломатијата покажува слични контрасти. Иако по дипломатски звања постои паритет, жените амбасадори во периодот од 2019 до 2026 година се застапени со само 17 до 35 отсто. Кај генералните конзули тој процент се спушта и до 12 отсто.
Единствен исклучок во ревизорскиот извештај е Кабинетот на Претседателката на државата. По преземањето на функцијата во 2024 година, комисиите за помилување и одликување бележат родов паритет од 50 и 60 отсто жени, додека со Агенцијата за разузнавање раководат две жени.
Владата нема назначено координатор за еднакви можности на жените и мажите, ниту пак води интегрирана база на податоци со родово разделени бројки за членовите во управните одбори на јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост. Државата нема точен преглед кој управува со јавниот имот.
Стратегијата за родова еднаквост предвидува баланс 50:50, но нема конкретни активности и мерливи индикатори. Законот за висока раководна служба, кој требаше да воведе систем на заслуги при изборот на директори, чека во собраниските лавиринти од 2019 година. Во меѓувреме, говорот на омраза и притисоците на социјалните мрежи остануваат главна бариера што ги одвраќа жените да прифатат раководни функции во јавниот живот.