Search

Жалете се каде сакате

Пред 2 месеци пишував за неподносливата леснотија со која полицијата тренира строгост над младите луѓе во Македонија кои посетуваат музички фестивали, концерти и ноќни журки. Поводот беше информацијата од МВР дека на Д фестивал во Дојран уапсила 19 македонски државјани заради поседување на дрога. Меѓутоа ова строгост не е новина во однесувањето на ова институција туку научено однесување од дамнешни времиња. Минатата недела сите медиуми во Македонија го објавија соопштението од здружението ХОПС- Опции за здрав живот Скопје со кое ја информираа македонската јавност дека Европскиот суд за човекови права донел пресуда “Д.Х. и други против Северна Македонија бр. 44033/17” со која утврдил дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет. Исто така, Судот утврдил повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжил државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.

Имено во ноември 2008 година, Министерството за внатрешни работи со спектакуларна полициска акција наречена ,,Сузбивање на улична проституција,, приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23- сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, а потоа беа пуштени на слобода.

Како тогашен извршен директор на ХОПС многу добро се сеќавам на состанокот кој го имавме со тогашниот портпарол на МВР – Иво Котевски кој во надмен стил рече “ жалете се каде сакате” – со таков израз на лицето како да сакаше да каже -во оваа земја ние сме главните , мислејќи на тогашната апсолутна власт која ја поседуваше ВМРО ДПМНЕ. И навистина така и беше , застапувајќи ги сексуалните работници како ХОПС се жалевме секаде. Иако знаевме за политичкото влијание врз судството за нас беше изненадување што Апелациониот суд ја преиначи пресудата што претходно ја донесе граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврди повреда на правата на сексуалните работници и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Но изненадувањето се претвори во тегоба кога дознавме дека судијка во Апелациониот суд и член на совет за пресудата беше лично сопругата на портпаролот на МВР.

Последната можност беше жалба пред Европскиот суд за човекови права. И тука правдата конечно победи.

Зошто е битна ова пресуда за секој граѓанин во Македонија?

Затоа што покажува дека треба да бидеме упорни во барањето на правдата колку и да истата изгледа далечна. Ако можеа сексуалните работнички кои се прилично маргинализирана и стигматизирана заедница во нашево општество чии права постојано се прекршуваат да опстанат во борбата за правдата, тогаш зошто да не може и секој друг граѓанин чии права се прекршени без оглед дали станува збор за прекршување од страна на МВР или некоја друга институција.
Оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани.
И на крајот многу значајно е сите држави органи и институции а особено Министерството за внатрешни работи, конечно да работат на промена на однесувањето и да се воздржат од дејствија со кои ги повредуваат правата на сите граѓани а пред се на ранливите групи , како и да се преземат мерки за ефикасна заштита на нивните права од страна на надлежните судови.

Драги мои сограѓани, ако некое право ви е повредено послушајте го некогашниот портпарол на МВР – жалете се каде сакате! Правдата е бавна но стигнува!

фото: Ванчо Џамбаски

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни