Американците со голем долг за алиментација може да останат без пасош

Мерката ќе ги опфати родителите со значителни неплатени долгови, кои нема да можат да добијат нов пасош додека не ја подмират алиментацијата.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека ќе почне да им ги одзема пасошите на државјани на САД кои должат поголеми износи за алиментација за деца.

Од Стејт департментот наведуваат дека мерката може да ги опфати родителите кои должат повеќе од 2.500 долари алиментација, при што фокусот ќе биде ставен на лицата со значителни неплатени долгови. Министерството тврди дека користи разумни алатки за поддршка на американските семејства и за зајакнување на почитувањето на американските закони, нагласувајќи дека станува збор за исполнување на правните и моралните обврски на родителите кон нивните деца.

На граѓаните кои имаат вакви долгови им се советува да договорат отплата со надлежните државни агенции за да избегнат одземање на пасошот. Откако пасошот ќе биде одземен, тој повеќе нема да може да се користи за патување. Лицата на кои ќе им биде одземен пасошот нема да можат да добијат нов додека не го подмират долгот за алиментација, соопшти Стејт департментот.

Мерката е овозможена со федерален закон од 1996 година

„Оваа мерка ја поддржува добросостојбата на американските деца преку реални последици за неплаќање алиментација, во согласност со постојниот федерален закон“, соопшти министерството. Одземањето пасоши поради неплатена алиментација поголема од 2.500 долари е овозможено со федерален закон од 1996 година, кој досега ретко се применувал.

Досега оваа мерка главно се применувала кога лица со долгови се обидувале да го обноват пасошот. Според новата политика, Стејт департментот ќе соработува со американското Министерство за здравство и социјални услуги за да ги идентификува лицата со неплатени долгови и да им ги поништи пасошите.

Министерството не објави кога мерката официјално ќе стапи во сила, но AP нагласува дека спроведувањето треба да почне уште денеска. Граѓаните на кои пасошот ќе им биде одземен додека се наоѓаат надвор од САД ќе мора да се обратат во американска амбасада или конзулат за да добијат итен патен документ што ќе им овозможи враќање во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни