Денес започнува најмасовната еко-акција во Македонија

„Генералка викенд“ од денес до 10ти мај ќе обедини десетици илјади волонтери во 80 општини, со чистење на повеќе од 500 локации низ земјата.

Денес во Скопје започнува „Генералка викенд“, најмасовната еко-акција во Македонија и на Балканот, која од 8 до 10 мај ќе мобилизира десетици илјади волонтери во 80 општини низ земјата. Акцијата ќе се спроведува на повеќе од 500 локации, со учество на организации, јавни институции, приватни компании, училишта, локални самоуправи и граѓани.

Официјалното отворање е закажано денес на кејот на реката Вардар во Скопје, зад Владата, во близина на „Кај Жабар“. На настанот е најавено присуство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, и министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.

Во главниот град, акцијата ќе започне со чистење на кејот на Вардар, на потегот од Лепенец до мостот „Киро Глигоров“. Волонтерите ќе бидат распоредени во осум тимови, на северната и јужната страна на реката, а во активностите ќе се вклучат компании, институции и училишта, во соработка со „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.

„Генералка викенд“ годинава се одржува по шести пат, со цел собирање отпад, подигнување на еколошката свест и поттикнување заедничка грижа за јавниот простор. Организаторите велат дека иницијативата прераснала во национална традиција што покажува дека грижата за животната средина може да обедини луѓе од различни средини.

Еко-акции ќе се организираат и во другите општини, во координација со локалните самоуправи и Црвениот крст. Посебни активности се најавени на Шар Планина, каде што ќе се чистат диви депонии со учество на припадници на Армијата, чувари на Националниот парк, експерти од австриската компанија „Саубермахер“ и локално население.

Во Охрид, кај Конгресниот центар, ќе се спроведе акција за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Општина Охрид и клубовите „Сороптимист Мома Охрид“ и „Сороптимист Вадуц“. Паралелно, во училиштата низ земјата се реализира и еко-образовната програма „Еко час“, во соработка со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ.

Организаторите порачуваат дека „Генералка викенд“ останува волонтерска иницијатива со јасна цел: отпадот од минатото да се претвори во поттик за позелена иднина. Максимата на акцијата и годинава останува иста: „Да се извалкаме и да исчистиме!“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни