Search

Зграпчи ја слободата: дигитални номади

Во не толку далечното минато, идејата дека ќе го патуваме светот и ќе работиме истовремено не беше ништо повеќе од сон за повеќето. Сепак, меѓу многуте лоши работи кои ни ги донесе ковид пандемијата, извлековме и нешто добро. Пандемијата го забрза трендот што веќе беше во подем, раздвижувањето на дигиталните номади. Младите луѓе ја уживаат новооткриената слобода што ја нуди работењето на далечина, ги напуштаат традиционалните канцелариски столици и ги менуваат за работа на лаптоп со поглед кон море и дигнати нозе.

Пред пандемијата, концептот да се биде дигитален номад често се поврзуваше со мала група на авантуристички поединци. Но денес, само две години подоцна, дигиталниот номадски начин на живот станува сè повообичаен, привлекувајќи разновидна палета на професионалци од различни области. Пандемијата КОВИД-19 делуваше како катализатор за дигиталното номадско движење. Компаниите ширум светот беа принудени да се прилагодат на работа на далечина, а повеќето продолжија да ја нудат како опција дури и кога пандемијата стивна. Оваа промена во корпоративната култура им даде шанса на младите луѓе да ги остварат своите соништа за работа независна од локацијата. Со олеснување на меѓународните ограничувања за патување во многу делови од светот, дигиталните номади целосно ја користат можноста да истражуваат нови хоризонти.

Статистиката дава убедлива слика за феноменот на дигиталните номади. Овој тренд е особено популарен меѓу младите родени помеѓу 1981 и 1996 година. Според една неодамнешна студија на MBO Partners, бројот на дигитални номади (луѓе кои работат од далечина и патуваат низ светот) се зголемил за 131% од 2019 година. Младите луѓе, често во првите редови на технолошките индустрии, ја предводат револуцијата. Областите како развој на софтвери, дигитален маркетинг, графички дизајн и креирање содржина забележаа прилив на млади професионалци кои сакаат да работат од каде и да посакаат. Не само каде и да посакаат, туку и кога и да посакаат. Подемот на дигиталните номади ја преобликува работната сила и ги редефинира традиционалните и ригидни норми на работењето. Еден од најзначајните моменти на remote work е флексибилностa што ја нуди во поглед на работното време. Важно е работата да биде завршена, не е важно дали ќе биде завршена од 9 до 5. Оваа флексибилност ни овозможува да создадеме рамнотежа помеѓу работата и животот што ни одговара на нашите индивидуални потреби.

Најчести дестинации кои се привлечни и од аспект на убавината која ја нудат, но и заради легислативата која е примамлива за дигитални номади се Португалија, Шпанија, Италија, Мексико, Тајланд, САД, итн. Државите почнуваат да ја разбираат важноста на овој тренд и се’ повеќе почнуваат да развиваат политики и легислатива која ќе ги примами младите да се преселат таму, нудејќи убав амбиент, приспособено оданочување и осигурување.

Понатаму, работата на далечина често доаѓа со заштеда на трошоци. Високите трошоци за живот во поголемите градови може да бидат пречка за влез за младите професионалци, особено во раните фази на нивните кариери. Работата од далечина им овозможува да изберат места за живеење поволни, а сепак да заработуваат конкурентни плати, а со тоа да ја зајакнат нивната финансиска сигурност. Иако дигиталниот номадски начин на живот е несомнено привлечен, тој со себе носи и големи предизвици. Осаменоста, разликите во временските зони и потребата за сигурна интернет конекција се најчестите пречки. Останува на времето да видиме дали ќе преовладаат позитивните или негативните страни, и дали овој начин на живот ќе стане вообичаен, или трендот ќе стивне откако ќе извагаме дали ќе ја тргуваме слободата за осаменоста.

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни