Search

Дали и вие имавте состанок со Каспер?

„Ќе се јави, ама веројатно е премногу зафатен во моментов. Поминаа само три недели“ – девојката од другата маса до мене ја теши другарка и. Не го прислушкувам муабетот, ама масите во кафанава се толку блиску наредени една до друга што немам избор. Девојките се еднати ко екипа за смислување на најглупавите изговори кои може да постојат на светот, затоа што соочувањето со вистината некогаш е толку одбегнувана што буквално можеме да ја убедиме другарката дека дечкото ќе се јави и попат ќе донесе и поздрав од Дедо Мраз. Ова е затоа што шансите за дечкото да пише или јави се еднакви на оние дека Дедо Мраз постои. 

Ако нешто научив е тоа дека и недобивањето одговор е ОДГОВОР. Замислете само, живееме во свет на технологија која ни дава мал милион начини за комуникација. Тој има како да ве добие и да ви прати одговор без да чекате за истиот со денови и недели. Порано се чекало за одговор затоа што тој одговор доаѓал во форма на писмо и доколку истиот не стигнел веројатно било затоа што го доставува Македонска Пошта. Сега доколку одговор не стигне, вие веројатно сте „жртва“ на „ghosting“ или сте биле излезени на состанок со Каспер.

Што е „ghosting“ и како да знаете дали вие сте уште една жртва на модерното состанување?

Зборот доаѓа од англискиот збор „ghost“ што значи „дух“ и во Урбаниот речник на Англиски јазик се дефинира како личност со која може да излезете неколку пати и која на крај ја снемува како што ги снемува духовите. Вие не добивате никаков одговор на вашите пораки или вашите повици не се одговорени, но вашиот ум не ве остава на мира затоа што ако една работа духовите прават одлично, тоа е да ве прогонуваат. И не можев да не се запрашам како дојдовме до овој левел? Како може во време кога постои Мessenger, Viber, WhatsUp, Facebook, Instagram, Telegram, FaceTime и бесплатно неограничени минути за разговори и пораки, односно постојат милиони начини за комуникација, наместо тоа да се одбира најпримитивниот и најпростиот начин од сите или ја игнорираш личноста и едноставно те снемува. Најшокирачко од се’ ми е тоа што „ghostingot“ доаѓа од зрели и возрасни луѓе за кои мислиш ако не друго, бар ги имаат совладано техниките на комуницирање.

Гурата за состанување и психолозите објаснуваат дека модерното време го носи овој предизвик како нешто што е нормално и се случува секојдневно. Огромен процент од луѓето го доживеале ова по вториот или третиот состанок, некогаш и по неколку месеци гледање. Исто така тие тврдат дека вака или онака не постои човек кој ова не го направил некому. Ова значи дека иако начините како да комуницираме меѓу себе се значително олеснети и побројни, нашата културата и храброст да бидеме отворени и искрени едни со други никогаш не била полоша.

Јас сум од едно време кога не учеа дека не треба никогаш да раскинуваш со личноста со која се гледаш преку порака, меил или телефонски повик. Тоа едноставно не беше прифатливо и зборуваше многу за културата и востпитувањето на една личност. Сега ми се чини е прифатливо да ја прекинеш врската без било како да ја известиш за тоа другата личност. Едноставно те снемува и тоа е во ред? Толку сме навикнати на ваков начин на комуникација што ни доаѓа нормално некој едноставно да исчезне од нашиот живот туку-така.

Извинете, ама ghosting-от не е нормален. Возрасни луѓе сме. Подобрете си ги комуникациските вештини! Знам дека секој еден таков разговор е непријатен, но многу повеќе ценам да ја слушнам вистината. Подобро е да и кажете на другата страна дека можеби не ви се доаѓа, не се гледате со нив во иднина или тие не се она што го барате, отолку да бидете кукавица и да го бирате полесниот пат. А доколку веќе ви се случило ова тогаш престанете да се опседнувате со причините зошто го направиле тоа. Едноставно сте излегле на состанок со Каспер и време е Каспер да се врати таму каде што припаѓа, а тоа е да го закопате во минатото и да му посакате се најдобро во следниот живот.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни