Search

Што е „Фостер девојка“ и дали си една од нив?

Седиме на кафенце со другарка ми и уживаме во априлското сонце кога таа ми соопштува дека последниот дечко со кој се гледаше ја побарал за жена новата девојка. „Ова е трет дечко што се жени со девојката после мене“, ме известува разочарано таа и знам дека разочарувањето не доаѓа од место што таа има некои емоции за него, туку од фактот што тие двајца се гледаа многу долго, а приказната иако одеше натаму, не заврши така.
„Ти си фостер девојка“ и велам, или “Онаа која го згрижува мажот привремено, додека тој да си го најде својот засекогаш дом“. И не го кажувам ова со никаква злобна намера, зошто кога ќе размислам и јас ја имав истата ситуација. Точно знам што значи да потрошиш време и енергија за да некому му помогнеш да се пронајде себе, да созрее и да биде спремен на тој чекор, ама на крајот да не биде со тебе.

Па, што е синдромот „фостер девојка“?
Зборот foster доаѓа од англискиот јазик кој има буквален превод “згрижување“. Најчесто се користи за да се објасни грижата, чувањето и одгледувањето на деца на кои родителите не им се биолошки мајка/татко. Не би можела да најдам соодветен превод на овој сленг во нашиот јазик, затоа што кај нас најчесто тоа би било привремен старател што и не е баш значењето на зборот во овој контекст и од тие причини ќе го користиме англицизмот „фостер“.
Урбаниот англиски речник за жаргонски зборови и фрази го дефинира изразот „фостер девојка“ како некој што излегува со партнер кој секогаш се жени за девојката после нив. Изразот доби на популарност откако се појави вирално видео на социјалната мрежа Тик-Ток на девојка која објаснуваше дека сфатила оти цел живот излегува со мажи кои се женат со девојките со кои се во врска откако ќе раскинат со неа. Ова е врската во која вие се вложувате максимално и давате се од себе за да успеете и да изградите заедничка иднина, но за жал целиот труд носи прстен за девојката после вас.

Зошто се случува ова?
Од мое лично видување, анализа и искуство можам да кажам дека повеќе фактори играат улога во ова. Најчесто тоа е времето, доколку сте премногу млади или доколку другата личност (најчесто мажот, а велам најчесто зошто на жената природно и доаѓа желбата да создаде семејство и статистички таа е многу порано спремна на тој чекор) не е спремна за брак. Така вие сте оние кои го правите потребниот „тренинг“ и го „згрижувате“ партнерот трпеливо чекајќи да дојде тој момент. Но додека трае „грижата“, најчесто жената е онаа која го учи партнерот на посветеност, одговорност, безусловна и искрена љубов, созревање и растење.

Неизбежно е во текот на тој процес да наидете на огромен отпор и резистенција од страна на партнерот, затоа што да бидеме реални мажите под нашето поднебје се растени и воспитувани да го проживеат својот живот максимално додека се решат да се оженат, а жената се воспитува уште од мала да цели само кон тоа. Значи дечкото со кој сте ќе треба да помине „тренинг“ за да разбере како всушност изгледа здрава, посветена и сериозна врска. Вие на некој начин го „кршите“ него, за да „изградите“ нова поздрава и подобра верзија. Поминувате часови и часови во расправии дека е важно да ви напише порака или да се јави кога ќе излезе и врати, за да знаете дека е добро и да не се грижите. Многу расправии поминуваат и во тоа додека му објаснувате дека е важно да се поделат обврските околу домот доколку живеете заедно. Го учите дека малите работи како порака за добро утро/добра ноќ значат многу за романтиката во врската и уште мал милион работи.

Вие мора да го направите тоа, но за жал тој процес е понекогаш тежок и задава тешки удари на врската, оштетувајќи ја и правејќи отпор кај него, затоа што тој се чувствува како мало дете на кое му се наметнуваат правила и прописи кои треба да ги следи, а можеби не сака. На крај погодувате- таман кога тој ќе почне да прави се што посакувате, врската се прекинува и тој оди на следната девојка на која е спремен да и го понуди она за кое вие се надевавте.

Има и случаи кога девојките ќе се откажат и тие ќе бидат оние кои ќе ја прекинат врската само затоа што другата личност никако не сака да го смени своето однесување и покрај тоа што разговорот за тоа што прават погрешно е направен сто пати. Јас две години (која будала) се обидував да му воочам на бившиот дека мора да созрее и да се однесува поинаку доколку сака врската да успее. Дури и имав мал список залепен на огледалото на кој стоеа сите оние ситници кои посакував тој да ги прави затоа што ми значат, како да напише порака кога се вратил од град макар и да е тоа 4 наутро, за да знам дека е жив и здрав, порака за добро утро и одвреме навреме да се понуди да ми помогне без да морам да прашам за помош затоа што не за се’ треба да се објаснува и црта.

Но, јасно беше дека тој список стои за да ме припреми емотивно да ја напуштам врската, пред да го направам тоа физички. Да жената прво ја прекинува врската во својата глава, па си заминува. Свесна бев дека врската мора да прекине, затоа што работите не се менуваат и нема никаква смисла и понатаму да си го губам своето време. Кога раскинавме му го дадов и списокот за да знае што барав од него, што не беше ништо комплицирано, а пак не го добив. Паметам ми рече “Па што не кажа?“, кажав ама ти не слушаше, а за некои работи нема потреба да ги кажувам, тие се нешто што треба да го знаеш и самиот да бидеш свесен за истите. Премотувајќи нанапред за една година бившиот ја побара за жена девојката по мене и веројатно сите работи на мојот список овојпат ги правеше што и резултираше со успешна врска.

На крајот од денот можеби е невозможно да се избегне фактот во одреден момент да бидеме „фостер девојки“ и можеби дури и треба да добиеме по една порака од нивните следни девојки со „благодарам што го направи идеален маж“, но искрено се надевам дека ќе имаме среќа на следниот на кој ќе налетаме некоја друга „фостер девојка“ пред нас да го има припремено и научено се она што ние ги научивме нашите бивши.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни