Search

Како е да бидеш писател во Македонија?

Драги читатели, не знам дали имавте шанса да ме запознаете подобро, но еве една. Покрај моите неделни колумни кои ги читате овде, мојата професија е писател. Зад себе имам напишано и објавено четири романи и затоа сметам дека сум квалификувана во денешната колумна, да ви објаснам што значи да бидеш писател во Македонија. Верувајте сакам ова да е колумна која ќе ви каже дека да бидеш писател кај нас е нешто прекрасно, но вистината е поинаква.

Да бидеш писател во Македонија е скоро исто како да кажеш дека не си вработен и се обидуваш да пробиеш систем кој како да е направен да го уништи и талентот и волјата на секој млад човек кој сака кај нас да се занимава со оваа професија. Зошто? Дозволете да ви објаснам колку што можам подобро иако однапред чувствувам грижа на совест дека уште сега ќе обесхрабрам некоја млада и талентирана личност со идеја и желба да стане писател и и” се извинувам за тоа.

Прво, нашите издавачки куќи и државата немаат апсолутно желба да мотивираат некој кај нас да се занимава со пишување. За да издадете книга ќе ви биде понудена, опција еден – сами да ги покриете трошоците за печатење, опција два – издавачката куќа да ги покрие со одбивање на продажбата од книгите, но и во едната и во другата опција, вие НЕМА да заработите ништо! Исто толку е возможно да се обратите до издавачка куќа за да разговарате околу можно издавање на вашата книга и од истата да не бидете удостоени со одговор. Ова ми се случи и мене и тоа на веќе четири напишани и издадени книги. Професионалноста на одредени издавачки куќи е навистина на извонредно ниво. Се надевам дека го приметивте мојот сарказам овде, а секако, секоја чест на исклучоците.

Значи да бидеш писател во Македонија значи да си волонтер. Кај нас да бидеш писател значи да го дадеш својот труд од минимум две години (горе долу потребно време за да ја напишеш таа книга) буквално за некој друг да прави пари и да заработи. Тебе ти честитаат и те тапкаат по рамо велејќи дека ќе има нешто и за тебе од вториот, третиот тираж… Тажно, поразително и понижувачко.

И ако мислевте дека само нашиве ни го прават ова, не е точно. Од нив учат и соседите. Се сеќавам кога го добив повикот од една од најпознатите издавачки куќи во Србија за превод и издавање на мојата книга таму. Нивната понуда гласеше – Ќе ни платиш толку и толку за да ја преведеме и издадеме книгата, а потоа ќе добиеш 5% од продажбата на истата. Среќа имам другарка која е познат писател на романи кај нив, а доста преведувана и продавана овде па и се јавив. Ја прашав, „Колку плати ти за кај нас да ти ја преведат и продаваат книгата?“ Таа се изнасмеа и ми рече “Ниту денар. Вие ми плативте мене за да ја издадете,преведете и продавате мојата книга кај вас!“Замислете на странските писатели им плаќаме затоа што туѓото отсекогаш ни било повредно и подобро од нашето. Тажно!

Среќа што имам прекрасни читатели кои ми ја дадоа најголемата поддршка за да продолжам да пишувам, зошто ако не беа тие, никогаш немаше да има четири книги и ќе се откажев уште на првата. Културното богатство, наследство и културата ошто во Македонија умираат како и се’ останато во државата. Не е проблемот дека нема талентирани луѓе кои пишуваат прекрасно, проблем е што како и за многу други работи, државата не и е гајле да ги поддржи, стимулира и да им даде шанса. Писателот за да преживее кај нас, мора да работи нешто друго и треба да се помири со тоа дека ако сака да пишува книги ќе мора да го прави тоа без пари и нема што да се буни, отсекогаш се знаело дека уметниците не прават пари додека се живи! Се надевам повторно го фативте сарказмот, ама верувајте ми дека уште повеќе се надевам дека еден ден ова ќе се промени зошто ни требаат книгите. Тие се прозорец кон светот!

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни