Имаме ли шанса за подобар живот?

Македонија е во екот на предизборната кампања за двојните -парламентарни и претседателски избори. И веднаш е се подруго, се е надежно, се е можно, на секој и на сите се ветува сенешто и сешто. Како генерација 30 години слушаме вакви кампањи кои од година во година се „усовршуваат“ и надминуваат во ветувањата на подобар живот.

Но ајде да излеземе од матрицата на изборни ветувања и да зборуваме за промени и дали реално секој имаме шанса за промени и подобар живот.

Долги години работам во сектор во кој работиме со едни од најмаргинализираните луѓе во нашето општество. Нашето искуство покажа дека маргинализираните не се посакувани за соседи, за пријатели, за вработени. Маргинализираните се луѓе за кои мнозинството не верува дека можат да да бидат дел од истото општество, но факт е дека тие луѓе се дел од нашето опкружување. Од друга страна, луѓето кои се на маргините на општеството после толку отфрлања, изневерувања на довербата, и самите тешко веруваат дека може да работат на промени кои ќе им овозможат подобар живот.

Ама се некако муабетот се врти на тоа дека треба да се менуваат и подобруваат само луѓето кои добиле најмалку шанси, а најмногу удари од општеството. Но дали во оштество во кое сите сме многу отпорни на промени, треба да очекуваме да се менуваат само оние кои ја имаат најтешката позиција за промена?

За да се случат вистински промени во нечиј живот секако најпрво треба да се тргне од самиот себе, но без поддржувачка, отворена и охрабрувачка средина, и најголемиот ентузијаст ќе се откаже од промената и ќе подлегне на отпорот од мнозинството.

За да почнат да ни се случуваат промени на индивидуален план но и на општествен план потребно да ја смениме перспективата и да почнеме малку да ѕиркаме и од другата страна на огледалото. Да се влеземе во чевлите на другиот, да се запрашаме како ќе беше ако јас сум таа што доживувала насилство 20 години од партнерот, ако јас сум тој што родителите не му давале поддршка, ако јас сум таа што сум почнала да користам дроги и сум развила зависност или ако јас сум тој што сторил некое кривично дело, сум ја издржала казната и сега имам потреба да се вратам назад и почнам да одам нагоре.

Но, дури и да влеземе во чевлите на другите не смее да не заведе симпатија кон одредени животни ситуации кои ни е полесно да ги прифатиме, или кои природно ни предизвикуваат сожалување.

Па така многу полесно им е на луѓето да прифатат т.н идеални жртви, на пример беспомошна жена, мајка која немала среќа во животот и трпела насилство долги години отколку некој кој поради икс причини започнал/а да употребува дроги и развил/а зависност. Но, не се сите жртви, а уште помалку идеални, ама тоа не значи дека секој не заслжува да добие шанси за подобар живот.

Наместо да сме сидрото кое ќе ги влече маргинализираните уште подлабоко на маргините треба да сме лифтот кој ќе ги поткрене и ќе помогне полесно да се интегрираат.

Еве една вистинска приказна ќе ја раскажам во две различни хипотетички ситуации.

Во едно соседство се доселува семејство во кое едниот од партнерите има издржано казна затвор за насилно дело, а другиот партнер поголем дел од животот поминал без родителска грижа во институција или згрижувачки семејства. Првата хипотетичка ситуација би била согласно очекуваната реакција на соседите кон децата и родителите од ова семејство. Очекувано е да бидат изолирани, другите деца да ги избегнуваат децата од ова семејство, сосетките нема да пијат кафе со жената, ниту во маалските муабети, мажите ќе го вклучат човекот. Или не дај боже да се случи некаков криминал во тоа соседство, се знае дека одма прстите и погледите на сите ќе бидат свртени кон ова семејство, Предрасудите сигурно ќе бидат присутни и во образовната средина. Возрасните од ова семејство поради изолацијата од средината тешко ќе најдат работа, а и да најдат, може многу брзо да ја изгубат бидејќи некој од соседите ќе ја раскаже „страшната“ приказна за ова семејство и ќе советува подобро никој да си нема работа со нив.

Но што ако ја раскажеме приказната од друга хипотетичка перспектива? На пример, една сосетка и покрај неоодбрувањето на останатите сосетки, секогаш кога таа го прави кафето за сосетките, ја покани и сосетката од непосакуваното семејство. И наместо да ја отфрлаат, ќе ја дознаат од прва рака нејзината животна приказна, нејзините желби, што знае таа личност и на пример што посакува за своите деца. Потоа, што ако еден сосед наместо да го одбегнува мажот од непосакуваното семејство, го повика заедно да направат некоја поправка на куќата, се разбира за соодветен надомест. Па така всушност произлезе дека човеков има многу вештини и буквално може се да направи. И откако ќе го пофали кај другите соседи, постепено и тие ќе се ослободат и ќе ги искусат бенефитите од вештините и умешноста на овој отфрлен човек, па после некое време буквално овој човек да ги одржува домовите на целото соседство. И секако некој можеби ќе ги покани на роденденската прослава на своите деца и децата од ова семејство и всушност ќе сфатат дека и тоа се деца со исти потреби и желби како и неговите деца.

Приказната можеме да ја развиваме и во едната и во другата хипотетичка ситуација. Во првата ситуација, ако продолжи таквиот стигматизирачки третман и маргинализирањето, огромна е веројатноста подземјето да ги проголта не само возрасните од ова семејство туку и нивните деца. Но ако ја развиваме втората хопотеза понатаму, едниот од родителите може да стане претприемач, другиот да најде работа, да овозможат на своите деца образование и можности и буквално да ги кренат неколку скалила погоре.

Животот има страни, патеки и раскрсници, не секогаш од нас самите зависи која страна и кој пат сме го фатиле, но некогаш со мало насочување и сигнализација и поддршка по патот наречен живот многу поверојатно е да стигнеме до некое подобро место.

Затоа, да не чекаме некој на тацна да ни ги донесе промените, да си дадеме шанса прво на нас самите да се промениме, но и да ги отвориме срцето и умот и да веруваме во можностите на другите. Да бидеме покренувачи, наместо кочничари. Животот е убав ако го извлечеме убавото од него.

Авторката е правничка и активистка за заштита на човековите права

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни