Земјотрес со магнитуда од 5 ја погоди Шпанија, оштетени згради во Гранада

Земјотрес со магнитуда од 5 ја погоди Гранада во јужна Шпанија. Нема повредени, но има материјална штета, евакуирана е зграда и регистрирани се одрони.

Земјотрес со магнитуда од 5 рано утрово го погоди подрачјето на Гранада, на југот на Шпанија. Епицентарот бил во близина на местото Алхендин, а засега нема информации за повредени лица. Регистрирана е материјална штета на повеќе локации.

Претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, соопшти дека потресот предизвикал вознемиреност кај населението и дека бил почувствуван и во неколку други шпански провинции.

Тој ги повика граѓаните да бидат внимателни во близина на оштетени покриви и фасади поради можност од дополнително уривање и да ги следат препораките на надлежните служби.

Службата за итни случаи 112 примила повеќе од 200 повици од граѓани по земјотресот.

Магнитудата дополнително зголемена на 5

Шпанскиот Национален географски институт првично ја проценил магнитудата на 4,8, но подоцна ја коригирал на 5. Земјотресот бил плиток, со жариште на длабочина од околу два километри.

На повеќе места во Гранада се регистрирани одрони и паднати делови од фасади и покриви.

Во Лас Габиас превентивно била евакуирана една зграда поради сомневање дека е оштетена, додека местото Уетор Вега останало без електрична енергија.

Градските власти во Гранада соопштија дека досега не е утврдена сериозна или широко распространета штета, но продолжуваат проверките на пријавените оштетувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс