Земјотрес од 6,7 степени ја погоди Индонезија: најмалку еден загинат, десетици повредени

Силен земјотрес со јачина од 6,7 степени го погоди островот Сулавеси во Индонезија. Загина едно лице, 38 се повредени, а оштетени се домови, мостови и јавни објекти.

Најмалку едно лице загина, а 38 се повредени во силен земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала што во вторникот го погоди островот Сулавеси во централна Индонезија, соопштија локалните власти.

Епицентарот на потресот бил регистриран на околу 43 километри југоисточно од градот Палу, на длабочина од десет километри, што придонело земјотресот силно да се почувствува во поширокиот регион.

Поради силните потреси, илјадници жители ги напуштиле своите домови и побарале засолниште на отворени простори во и околу Палу, град со околу 400.000 жители и административен центар на покраината Централен Сулавеси.

Портпаролот на Националната агенција за управување со катастрофи, Абдул Мухари, изјави дека неколку болници биле принудени да евакуираат пациенти. Според првичните информации, меѓу 38-те повредени има и 13 лица со сериозни повреди.

Земјотресот предизвикал значителна материјална штета. Оштетени се најмалку 67 куќи, шест верски објекти, четири јавни згради, две владини институции, три деловни објекти и два моста.Покрај тоа, дел од регионалниот пат што го поврзува Палу со соседните области Сиги и Посо е пресечен поради оштетувања предизвикани од потресот.

Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика соопшти дека по главниот земјотрес биле регистрирани најмалку 71 последователен потрес, додека спасувачките екипи продолжуваат да ја проценуваат штетата и состојбата на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс