Потресите со јачина од 4,6 и 5,3 степени се почувствувале во повеќе делови на островот, но засега нема пријави за материјална штета.
Грчкиот остров Крит денеска околу пладне беше погоден од два земјотреса во временско растојание од неколку минути. Според првичните информации, потресите биле со јачина од 4,6 и 5,3 степени.
Епицентарот бил регистриран под морското дно, на длабочина од околу 14 километри, во близина на островчето Гавдос, јужно од Крит.
Според грчкиот портал Cretalive, земјотресите се почувствувале низ повеќе делови на островот, вклучувајќи ги градовите Ретимно и Ханија.
Грчката полиција излегла на терен за проверка на состојбата, но засега нема информации за материјална штета.
Грчките медиуми јавуваат дека дел од туристите во околината биле евакуирани од претпазливост, поради можност од одрони во одредени зони.
Надлежните служби ја следат состојбата и засега не се пријавени посериозни последици.