Силен земјотрес од 6,2 степени ја погоди јужна Италија, потресот почувствуван во повеќе региони

Силен земјотрес со магнитуда од околу 6,1 до 6,2 степени ја погоди јужна Италија, а потресот бил почувствуван во повеќе региони

Силен земјотрес рано утринава ја погоди јужна Италија, а потресот бил почувствуван во повеќе региони, меѓу кои Калабрија, Сицилија, Кампанија и Базиликата.

Според првичните информации на Италијанскиот институт за геофизика и вулканологија, земјотресот бил регистриран во Тиренското Море, во близина на брегот на Калабрија, во подрачјето на провинцијата Козенца.

Магнитудата во првичните извештаи се наведува меѓу 6,1 и 6,2 степени, а потресот бил на голема длабочина, од околу 250 километри. Токму поради длабочината, земјотресот бил почувствуван на пошироко подрачје во јужниот дел на земјата.

Италијанските медиуми јавуваат дека потресот предизвикал вознемиреност кај населението, особено во Калабрија, но и во делови од Сицилија, Кампанија и Базиликата.

Засега нема информации за повредени лица или поголема материјална штета. Надлежните служби ја следат состојбата и вршат проверки на терен, особено во местата поблиску до епицентралното подрачје.

Италија е една од сеизмички најактивните земји во Европа. Земјотреси со различен интензитет често се регистрираат во централните и јужните делови на земјата, како и во морските подрачја околу Апенинскиот Полуостров.

е-Трн да боцка во твојот инбокс