„Железничарот на крајот на светот“ патува во Загреб по премиерата во Скопје

Перформативниот радио есеј „Железничарот на крајот на светот“ на Филип Јовановски ќе ја има својата хрватска премиера во Загреб. Проектот, кој ги поврзува историјата на работничките борби, уметноста и политичките движења, ќе биде изведен во рамките на програмата за 25 години од постоењето на здружението „Bacači sjenki“.

По премиерната изведба во Скопје, тимот на АКТО-ФРУ и „Једноставно речено“ гостува во Загреб со перформансот „Железничарот на крајот на светот“, авторски концепт и перформативен радио есеј на Филип Јовановски. Хрватската премиера ќе се одржи на 29 мај во 20:30 часот во Музејот „Никола Тесла“ во Загреб, во рамките на изведбената изложба на Институтот за останки од иднината.

Настанот е организиран по повод 25 години постоење на хрватското здружение „Bacači sjenki“, познато по својата работа во областа на современата уметност, театарот и урбаната култура.

„Железничарот на крајот на светот“ претставува имерзивно патување низ последните 130 години од светската историја, од 1896 до 2026 година. Во перформансот се испреплетуваат работничките и синдикалните борби на железничарите со уметничките движења на 20 век, но и со подемот и заканите од фашизмот низ различни историски периоди.

Публиката во текот на изведбата се наоѓа во затемнет простор, без визуелна перцепција, со што фокусот се префрла на звукот, нарацијата и останатите сетила. Авторите велат дека целта е гледачите не само да го почувствуваат минатото на прогресивните и автономистички движења, туку и да замислат поинаква иднина.

Автор на концептот и сценскиот дизајн е Филип Јовановски, додека перформансот е развиван заедно со Кристина Леловац. Текстот го потпишуваат Кристина Леловац и Максим Никифоровски, а оригиналната музика и звучниот дизајн се дело на Лука Тошев.

Во проектот учествуваат и Мартина Даниловска како изведувачка, Димитар Милев како креативен продуцент и соработник на сценскиот дизајн, како и истражувачки тим составен од Ивана Богичевиќ Леко, Ненад Пинтер, Лука Кнежевиќ Стрика и Максим Никифоровски. Кураторскиот поглед го потпишува Ивана Васева.

Проектот е продукција на „Једноставно речено“ од Белград, во партнерство со лабораторијата „Градот како сцена“ на платформата „Факултет за работи што не се учат“ и „АКТО фестивал за современи уметности“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс