Перформансот „Железничарот на крајот на светот” прави премиера во Скопје вечерва

Претставата ќе се емитува и во живо на StereoLab Radio — имерзивно патување низ 130 години работнички борби, уметност и закана од фашизмот, во темнина без сетилото на вид.

Перформансот е замислен како имерзивно искуство во целосна темнина, каде публиката, лишена од видот, е упатена преку сите останати сетила да го доживее и проживее минатото на радикалните, прогресивните, левичарските, автономистичките, синдикалните и уметничките движења од последниве 130 години. Временскиот лак е поставен помеѓу 1896 и 2026 година, а работничките и синдикалните борби на железничарите се испреплетуваат со авангардни проблесоци на уметноста на 20 век, но и со подемот и постојаната закана од фашизмот.

Колаборативен проект на уметници од Скопје и Белград

Авторскиот концепт и просторниот дизајн се дело на Филип Јовановски, а перформансот е развиен во соработка со Кристина Леловац, која заедно со Максим Никифоровски го потпишува и текстот. Изведувач е Мартина Даниловска, оригиналната музика и дизајн на звук се на Лука Тошев, а продукцијата ја потпишува Ненад Пинтер. Проектот е продукција на белградската организација „Једноставно речено”, во партнерство со скопската платформа „Факултет за работи што не се учат” и АКТО фестивалот за современи уметности.

Истражување на историјата на југословенските железничари

Перформансот се надоврзува на документарна и истражувачка работа за историското, општественото и културното значење на работниците на југословенските железници. Истражувачкиот тим го сочинуваат Ивана Богичевиќ Леко, Ненад Пинтер и Лука Кнежевиќ Стрика од „Једноставно речено”, и Максим Никифоровски од ФРУАКТО. Кураторски поглед во проектот имала Ивана Васева.

Проектот е финансиран преку ЕУ програма за граѓанско општество

„Железничарот на крајот на светот” се реализира во рамките на Програмата за финансиска поддршка на организации на граѓанското општество (FSTP), имплементирана од Центарот за локална демократија ЛДА Суботица, во соработка со Фондацијата Нови Сад. Проектот е кофинансиран од Европската Унија преку IPA III програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми во Западен Балкан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни