Зеленски: Русија го прекрши примирјето, Украина ќе одговори со иста мера

Володимир Зеленски изјави дека Русија го прекршила прекинот на огнот и дека Украина ќе одговори со иста мера по новите напади на фронтот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија го прекршила прекинот на огнот што Киев го воведе од полноќ, додавајќи дека Украина ќе одговори со иста мера.

Зеленски ја обвини Русија дека го игнорира договорот уште од самиот почеток и дека продолжува со нападите, пренесува „Украинска правда“.

„По вчерашните дивјачки напади врз нашите градови и заедници – Днепар, Запорожје, Краматорск и други – руската армија продолжи со активни непријателства и терористичко гранатирање во текот на целиот ден. Изборот на Русија е јасен, да го отфрли прекинот на огнот и да спаси животи“, рече Зеленски.

Тој додаде дека нападите продолжуваат на сите клучни делови од фронтот. Според Зеленски, од почетокот на денот руската армија извршила речиси 30 напади.

Само во текот на ноќта и утрото, како што рече, биле регистрирани повеќе од 20 воздушни напади со над 70 воздушни бомби.

Зеленски објави дека до 10 часот утрото руските сили извршиле 1.820 прекршувања на прекинот на огнот, вклучувајќи бомбардирања, обиди за напади, воздушни напади и употреба на беспилотни летала.

Украина ќе возврати, рече претседателот, имајќи ги предвид постојаните руски повици преку медиумите и социјалните мрежи за прекин на огнот за време на парадата во Москва.

„За секој разумен човек е очигледно дека тотална војна и секојдневни убиства на луѓе не се време за јавни ‘прослави’. Од денес можеме да потврдиме дека руската страна го прекршила режимот на прекин на огнот“, заклучи Зеленски.

Зеленски претходно најави воведување прекин на огнот што требаше да започне на полноќ, но Русија официјално не одговори на тоа.

Руското Министерство за одбрана претходно прогласи „примирје“ за 8 и 9 мај и предупреди дека доколку парадата за Денот на победата во Москва на 9 мај биде „нарушена“, ќе започне масовен ракетен напад врз центарот на Киев, потсетуваат медиумите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни