Зеленски одговори на Трамп: Без гаранции нема договор за прекин на нападите

Киев негира дека постои каков било договор со Москва и порачува дека прво се потребни безбедносни гаранции од сојузниците.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина нема потпишано никаков договор со Русија за прекин на нападите врз енергетските објекти. По објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека двете страни се договориле за меѓусебно примирје врз енергетската мрежа, Зеленски изјави дека е скептичен оти Москва би почитувала таков договор, посочувајќи дека Киев може да престане со удари само доколку меѓународните партнери дадат цврсти гаранции за руските намери.

Доналд Трамп преку својата социјална мрежа Truth Social излезе со тврдење дека двете завојувани страни постигнале разбирање. Според неговата објава, Украина се согласила да не таргетира руски енергетски капацитети, додека Русија наводно го прифатила истиот услов. Трамп притоа посочи дека растот на светските цени на горивата и дизелот се должи токму на војната во Украина.

Ниту Киев ниту Москва не излегоа со официјална потврда за ваков договор. Официјалните украински институции нагласуваат дека немало никакви директни преговори за прекин на огнот во енергетскиот сектор.

Околу еден час по објавата на Трамп, украинскиот претседател преку социјалните мрежи испрати директна порака. Тој нагласи дека не верува оти руските сили би ги почитувале ветувањата без силен меѓународен механизам.

„Ако партнерите се подготвени да гарантираат дека Русија навистина нема намера да ја напаѓа нашата електроенергетска мрежа, другите енергетски постројки, клучната инфраструктура и транспортот на храна, тогаш и ние, секако, сме подготвени да обезбедиме да нема напади од наша страна“, напиша Зеленски на својот Телеграм канал.

Украинскиот лидер додаде дека заштитата на виталната инфраструктура претставува нужен прв чекор кон деескалација, но подвлече дека Киев сè уште ги чека конкретните детали и гаранции од западните партнери пред да направи отстапки на теренот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс