Зеленски: Интерни документи покажуваат дека Русите имаат сериозни загуби

„Нашите операции, вклучително и онаа поврзана со Крим, се внимателно пресметани“ порача Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање изјави дека Украина продолжува жестоко да одговара на руските напади и дека Москва трпи огромни загуби на окупираните територии.

Руската воена логистика и самото присуство на окупаторите се сериозно загрозени, што, според него, е јасен сигнал дека Русија нема да се извлече со кражба на украинска земја. Зеленски нагласи дека акциите на Украина, вклучително и оние на Крим, се детално испланирани, но дека конечниот успех зависи од клучните одлуки на сојузниците од групата Г7, која ги обединува седумте најмоќни економии во светот.

„Нашите операции, вклучително и онаа поврзана со Крим, се внимателно пресметани. Текот на операцијата целосно докажува: ако Украина го добие токму она што го разговаравме со нашите партнери во рамките на Г7 – а тоа зависи од нивната одлука – ние брзо ќе создадеме услови што ќе ја принудат Русија да избере мир“, рече Зеленски, додавајќи дека украинската војска во моментов успешно уништува цели што ги одржуваат руските воени напори.

„Добивме интерни документи“

Украинскиот претседател откри и дека разузнавачките служби добиле доверливи информации од самиот Кремљ, што покажува дека украинската стратегија за притисок дава сериозни резултати.

„Дојдовме до некои руски внатрешни документи кои даваат вистински увид во тоа што се случува, директно од самиот окупатор. Руското раководство навистина чувствува огромен притисок поради нашите тактики“, нагласи Зеленски.

Продолжувајќи го своето обраќање, тој ги наведе клучните руски воени и енергетски точки кои беа нападнати од украинските сили, од кои некои се оддалечени повеќе од илјада километри од линијата на фронтот.

Удари длабоко во позадина: Фабрики за ракети и магацини под оган

„Ги достигнуваме нивните арсенали. Значително количество муниција на Балтичката флота беше уништено во близина на Санкт Петербург. Слични напади имаше и во други области. Напаѓаме воени производствени погони, како оние во Воронеж, кои произведуваат клучни делови за нивните ракети – истите ракети што Русите ги користат против нашите градови, села, енергетска инфраструктура и нашите животи.“

Друга цел на удар беше воената фабрика во Чебоксари. Сè повеќе ја нарушуваме руската воена логистика. Исто така, потврдивме напади врз гасни постројки во регионот Оренбург. Тоа е на повеќе од 1.200 километри од линијата на фронтот. Многу нафтени постројки низ цела Русија беа исто така цел на удар. Комуникациските центри на руската армија, кои се стратешки клучни за нив, исто така беа погодени“, наброја украинскиот претседател.

Зеленски го заврши своето обраќање велејќи дека веќе издал нови, строги наредби до армијата и разузнавањето да продолжат со операциите. „Им наредив на нашите разузнавачи и војската да дејствуваат проактивно во врска со локациите што Русите ги користат за ескалација на војната“, заклучи тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс