Зеленски го одби предлогот за „придружено членство“ во ЕУ: „Украина сака полноправен статус“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби германскиот предлог за придружено членство во ЕУ, нагласувајќи дека Украина бара целосно и рамноправно членство со право на глас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за Украина да добие статус на „придружена членка“ во Европската Унија, истакнувајќи дека таквиот модел не е прифатлив бидејќи не обезбедува право на одлучување во рамките на блокот.

Во објава на платформата X, Зеленски порача дека Украина мора да стане полноправна членка на Европската Унија. „Без Украина не може да има целосен европски проект, затоа нашето место во ЕУ мора да биде целосно и рамноправно“, наведе тој, додавајќи дека Киев очекува отворање на преговарачките поглавја и забрзување на процесот на пристапување.

Германскиот предлог предвидуваше Украина да добие статус на придружена членка, со можност за учество на состаноци на европските институции и пристап до одредени програми на ЕУ, како меѓу-чекор кон целосно членство. Идејата доби делумна поддршка и во Европскиот парламент како можен модел за постепено проширување на Унијата.

Зеленски, пак, во писмо до европските лидери нагласи дека Украина веќе спроведува реформи и истовремено ја брани Европа од руската агресија, порачувајќи дека не е прифатливо да биде дел од ЕУ без право на глас. Украина поднесе барање за членство во Европската Унија во 2022 година, веднаш по почетокот на руската инвазија, доби кандидатски статус истата година, а пристапните преговори започнаа во 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс