Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека членството на Украина во НАТО повеќе не е само украински интерес, туку и прашање од стратешко значење за самата Алијанса. Во интервју за британскиот весник „Гардијан“, Зеленски нагласи дека Украина денес претставува важен безбедносен партнер за западните земји благодарение на искуството стекнато во повеќегодишната војна со Русија.
„Земјите како Франција, Германија и Обединетото Кралство разбираат дека членството на Украина во НАТО е во интерес на самото НАТО. Ние сакаме да бидеме дел од сојузот со земјите кои ни помогнаа за време на војната и заедно да ја зајакнеме безбедноста на Европа“, изјави Зеленски.
За време на посетата на Лондон, украинскиот лидер разговараше со британскиот премиер Кир Стармер, како и со европските лидери Емануел Макрон и Фридрих Мерц за идните чекори во поддршката на Украина. Зеленски оцени дека украинската армија моментално се наоѓа во најсилна позиција во последните повеќе од две години и отфрли тврдења дека Русија има предност на бојното поле.
„Русија не победува“, порача тој.
Украинскиот претседател побара дополнителна поддршка од западните сојузници за зајакнување на воздушната одбрана, набавка на антибалистички системи и продолжување на воената помош. Тој посочи дека Украина е подготвена да го сподели своето искуство стекнато во современото војување со земјите-членки на НАТО.
Во интервјуто, Зеленски се осврна и на средствата од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи, кои сè уште не се префрлени за помош на Украина. Според него, овие средства би можеле да помогнат во финансирањето на системи за заштита од руските ракетни напади. Тој повика и на дополнително заострување на санкциите против Москва, оценувајќи дека економскиот притисок врз Русија останува едно од најважните средства за ограничување на нејзините воени активности.
Осврнувајќи се на односите со Велика Британија, Зеленски нагласи дека поддршката на Лондон за Украина претставува инвестиција во европската безбедност и предупреди дека секој сигнал што би можел да го наруши пријателството меѓу двете земји треба внимателно да се избегнува. Изјавите на Зеленски доаѓаат во пресрет на следниот самит на НАТО, каде прашањето за идната улога на Украина во Алијансата повторно се очекува да биде меѓу главните теми.