Украина располага со само десеттина од потребните ракети за системот Патриот за одбрана од се почестите руски балистички напади, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју за Си-ен-ен. Тој побара од Вашингтон да му продаде пет до десет проценти од сопствените резерви. Со пет отсто ќе ја преживееме зимата, а со десет отсто ќе ги уништиме сите нивни балистички проектили, порача Зеленски.
Руските балистички удари интензивно се засилија, а главниот град Киев повторно е примарна мета. Москва го користи моментот кога украинските залихи на одбранбени ракети се речиси испразнети.
Оваа година Украина располага со два и пол пати помалку пресретнувачи во споредба со минатата година, додека Русија секој месец испалува двојно повеќе балистички проектилуми. Според податоците на Обединетите нации, минатиот месец бил најсмртоносен за цивилите во Украина во изминатите две години.
Причина за кризата е и глобалниот недостиг на овие ракети поради воените дејствија на САД и заливските држави во судирот со Иран. Десетици ракети Патриот беа искористени за одбрана од ирански проектили и евтини дронови, што ја остави Украина со скромен капацитет.
Зеленски откри дека секојдневно води интензивни телефонски разговори за да обезбеди нови количини. Сепак, сè уште нема конкретен напредок околу идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ се дозволи на Украина лиценцирано производство на овие комплексни системи.
Покрај барањето оружје, Зеленски потврди дека одржува контакти со американската администрација. Тој разговараше со потпретседателот Џеј Ди Венс, но одби да ги коментира извештаите дека од Киев било побарано да ги прекинат нападите врз руското нафтено пристаниште на Црното Море.
Украинскиот лидер ја отфрли можноста за отстапување територии во Донбас и предупреди дека без цврсти безбедносни гаранции, Русија може да ја ескалира војната кон помалите земји членки на НАТО, пред сè во Балтикот.