Под Нов Зеланд се крие речиси цел континент: што е Зеландија?

Зеландија, од која 94 проценти се под вода, официјално е призната како осми континент по долгогодишни геолошки истражувања и откривање на континентална кора.

Иако 94 проценти од нејзината површина се наоѓаат под Тихиот Океан, Зеландија од 2017 година официјално е призната како осми континент благодарение на долгогодишни геолошки истражувања.

Зеландија, копнен масив со површина од околу пет милиони квадратни километри, долго време била сметана за група острови среде Тихиот Океан. Сепак, деталните геолошки анализи потврдија дека ги исполнува сите критериуми за да биде призната како континент. Над морската површина се издигнуваат само Нов Зеланд и Нова Каледонија, додека поголемиот дел од континентот се наоѓа на длабочина од еден до два километри.

До ова откритие научниците дојдоа по речиси две децении истражувања предводени од геологот Ник Мортимер. Од морското дно биле собрани примероци од песочник, варовник, гранит и други карпи кои се карактеристични за континентална, а не за океанска кора. Некои од нив се стари повеќе од 130 милиони години.

Во 2023 година беше изработена и првата целосна геолошка карта на Зеландија. Истражувачите открија древен вулкански појас со површина од околу 250.000 квадратни километри, како и гранитен појас долг речиси 4.000 километри што се протега низ централниот дел на континентот.

Зеландија се одвоила од суперконтинентот Гондвана пред околу 80 милиони години, заедно со Австралија и Антарктикот. Поради значително истенчување на нејзината континентална кора, таа постепено потонала под нивото на морето. Највисоката точка на континентот е планината Аораки, позната и како Маунт Кук, која се наоѓа на Нов Зеланд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс