МОН најавува препораки за исхрана, но училиштата остануваат опкружени со чипс и печива

Додека штипското училиште „Димитар Влахов“ самостојно исфрли грицки и телефони, системот со месеци одговара само со совети наместо со законски стандарди.

Министерството за образование и наука најави дека наскоро ќе испрати препораки за здрава исхрана до сите училишта, откако утврдило неправилности во оброците. Ова следи по одлуката на основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, кое во договор со родителите целосно ги забрани чипсовите, нездравите грицки, обоените сокови и мобилните телефони. Сепак, најавата за необврзувачки препораки доаѓа по низа домашни и меѓународни аларми дека децата секојдневно учат во средина преплавена со брза храна.

Во штипското основно училиште „Димитар Влахов“ одлуката да се стави крај на нездравите навики не дојде преку државен декрет, туку по серија состаноци на Советот на родители во текот на летниот распуст. Раководството и семејствата договорија строги правила: учениците на настава не смеат да носат чипсови, смоки, обоени индустриски сокови и енергетски пијалаци, а телефоните мора да останат надвор од употреба за време на часовите.

Директорот на училиштето, Дејан Здравков, соопшти дека мерката веќе дава видливи резултати во однесувањето на децата.

„Ефектите од забраната на нездрава храна и телефони се премногу позитивни. Добиваме повратни информации и од родителите, и од наставниците, и од самите деца. Подобрена е комуникацијата, физичката комуникација. Не одат веќе со наведени глави по ходниците и по училишниот двор“, изјави Здравков.

Храната за учениците сега се набавува според договор меѓу родителите и локална пекара. Секој оброк содржи две до три намирници, со задолжително сезонско овошје три дена во неделата, надополнето со јогурт и печива како кифла или ѓеврек.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при посетата на Штип информираше дека МОН во соработка со УНИЦЕФ, Светската банка и невладиниот сектор спровело истражување за исхраната на учениците, при што се констатирани сериозни неправилности. Но, одговорот на ресорот засега останува на ниво на упатства и совети.

„Утврдивме неправилности, па поради тоа ќе произлезат препораки кои училиштата ќе ги добијат за децата здраво да се хранат. Јас разбирам дека дечињата можеби повеќе сакаат чипсови, смоки, бисквити, но една круша, едно јаболко, една банана се подеднакво здрава исхрана. За тоа ќе треба да водат сметка и училиштата и општината за да им овозможат такво нешто“, изјави Јаневска.

Сепак, препораките сами по себе не решаваат ништо доколку нема задолжителни стандарди, редовни инспекции и обезбеден буџет за училишните кујни. Со ваквата поставеност, одговорноста повторно паѓа врз директорите, општинските власти и семејните буџети, наместо врз централен систем кој гарантира здрав оброк за секое дете.

Состојбата што МОН сега ја констатира како „неправилност“ беше детално документирана уште во мај, кога УНИЦЕФ ја објави првата национална проценка за училишните средини за исхрана во Македонија. Извештајот покажа дека училиштата и нивната непосредна околина се претворени во зони каде децата се постојано опкружени со преработена храна со висока содржина на шеќери, заситени масти и сол.

Повеќето образовни установи немаат сопствени функционални кујни што нудат топли, готвени јадења. Наместо тоа, учениците зависат или од суви закуски со тесто или од блиските трафики и киосци за брза храна. Студијата посочи дека агресивниот маркетинг на индустриски производи околу училиштата директно влијае врз создавањето долгорочни лоши прехранбени навики кај најмладите.

Штипскиот пример покажува дека промена е можна кога заедницата ќе преземе иницијатива. Но, додека здравиот оброк зависи исклучиво од ентузијазмот на едно училиште или од џебот на родителите, системскиот проблем со исхраната во македонското образование останува отворен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс