Истражување спроведено во Израел укажува дека негативната слика за сопственото тело и честото користење на социјалните мрежи се поврзани со поголем ризик од зависничко однесување.
Ново истражување на научници од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и Израелскиот центар за зависности и ментално здравје покажува дека една од пет жени кои користеле естетски козметички процедури покажува знаци на можно зависничко однесување.
Во студијата биле опфатени 1.614 жени на возраст од 25 до 71 година, кои преку онлајн анкета одговарале на прашања за нивните искуства со козметички третмани. Истражувачите проценувале дали испитаничките неуспешно се обидувале да престанат со процедурите, дали тие им предизвикале проблеми во секојдневниот живот и дали продолжиле со нив и покрај негативните последици.
Од 710 жени кои изјавиле дека имале најмалку еден козметички зафат, околу 20 проценти покажале умерен до висок ризик од зависност во текот на животот, додека 15,4 проценти пријавиле слични симптоми во последната година.
Истражувањето, објавено во списанието Journal of Health Psychology, покажува дека најголем ризик имаат жените со негативна слика за сопственото тело и оние кои поминуваат многу време на социјалните мрежи. Сепак, авторите нагласуваат дека студијата не докажува причинско-последична врска, а резултатите не можат целосно да се применат на други популации бидејќи биле опфатени само жени од Израел.