Затвореник од штипскиот затвор утрово успеал да побегне од Основниот суд во Струмица додека бил на судење.
Филмското бегство на затвореникот кој бил под надзор на двајца припадници на затворската полиција, се случило за време на паузата кога побарал дозвола да оди во тоалет, а при излегувањето го турнал едниот од полицајците и веднаш почнал да бега.
И покрај тоа што на рацете имал лисици, затвореникот успеал да им побегне на полициските службеници и да се оддалечи од судот.
По бегството веднаш биле известени Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, а полицијата презема мерки за негово пронаоѓање и повторно лишување од слобода.
Во штипскиот затвор, пак, е формирана комисија која треба детално да ги испита околностите под кои дошло до бегството и да утврди дали имало пропусти во постапувањето на затворската полиција.