Како да се заштитите од заразните болести што се шират за време на жештините

Топлотните бранови го зголемуваат ризикот од заразните болести во Европа. Најголема опасност има од инфекции преку храна, комарци, крлежи и бактерии во потопли морски води.

Екстремните горештини и подолгите лета сè повеќе го зголемуваат ризикот од заразни болести во Европа. Високите температури создаваат поволни услови за ширење инфекции кои се пренесуваат преку храна, вода, комарци, крлежи и бактерии што се развиваат во потопли морски води.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести предупредува дека климатските промени веќе влијаат врз јавното здравје, а ризикот од одредени инфекции расте од година во година.

Кои заразни болести се најчести за време на топлотни бранови?

Во летниот период најголем ризик има од инфекции поврзани со неправилно чувана или загадена храна, особено кога високите температури овозможуваат побрзо размножување на бактерии.

Зголемен е и ризикот од болести што ги пренесуваат комарци и крлежи. Во делови од Европа веќе се бележи појава на денга, чикунгуња и вирусот Западен Нил, болести кои претходно беа почести во потоплите региони.

Оваа година случаи на вирусот Западен Нил се регистрирани во Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Шпанија.

Дополнителен ризик претставуваат и бактериите од родот Vibrio, кои се развиваат во потопли морски води и можат да предизвикаат инфекција, особено кај лица кои влегуваат во вода со отворени рани.

Како да се заштитите?

Здравствените експерти препорачуваат редовно користење репеленти против комарци и крлежи, особено при престој во природа, покрај вода или во периоди од денот кога инсектите се најактивни.

Се препорачува и носење лесна, светла облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, како и проверка на кожата по престој во тревни или шумски предели.

За заштита од инфекции преку храна, важно е храната правилно да се чува, особено месото, млечните производи, јајцата и готовите оброци. Во лето храната не треба долго да стои на собна температура, а овошјето и зеленчукот треба добро да се мијат пред употреба.

Внимавајте и при капење во море

Во услови на високи температури, потоплите морски води можат да создадат услови за развој на бактерии. Здравствените власти препорачуваат да се избегнува капење со отворени рани, исеченици или кожни инфекции, особено во многу топли морски води.

При појава на висока температура, силна главоболка, осип, повраќање, болки во мускулите, необичен замор или симптоми по убод од комарец или крлеж, потребно е да се побара лекарска помош.

Од ECDC нагласуваат дека справувањето со овие ризици бара координирана соработка меѓу здравствените институции, еколошките служби и ветеринарниот сектор, бидејќи климатските промени стануваат сè поголем предизвик за јавното здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс