Украинската нуклеарна централа Запорожје повторно е поврзана со електричната мрежа, по речиси три дена без надворешно напојување, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија.
Поправките биле извршени во рамки на локализиран прекин на огнот, посредуван од МААЕ, со цел да се овозможи безбедно обновување на електричното снабдување на централата.
Ова е деветнаесетти пат од почетокот на војната нуклеарката да остане без надворешна електрична енергија. Прекинот се случил откако резервниот далновод „Феросплавна“ бил исклучен по напад врз електрична трафостаница од другата страна на реката Днепар.
Станува збор за еден од најдолгите прекини на струја во централата, која во тој период морала да се потпира на дизел-генератори за одржување на неопходните системи за ладење.
Иако шесте реактори во Запорожје се запрени, централата и понатаму има потреба од стабилно електрично напојување за да се обезбеди ладење на нуклеарното гориво и да се намалат ризиците по нуклеарната безбедност.
Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа и од почетокот на руската инвазија е под руска контрола. МААЕ повеќепати предупредуваше дека прекините на надворешното напојување претставуваат сериозен ризик за безбедноста на централата.