Акциите на Енвидија скокнаа за 31 отсто по враќањето на Џенсен Хуанг: Најголем раст од 2003 година?

Според извештаите на „Индекс“, основачот на технолошкиот гигант се вратил на функцијата извршен директор две недели по оставката поврзана со скандал и обвинувања за негови приватни и деловни контакти. Веста предизвикала еуфорија на берзите, но и остри реакции во американскиот Конгрес.

Акциите на технолошкиот гигант Нвидија пораснале за повеќе од 30 отсто, откако, според хрватскиот портал „Индекс“, Џенсен Хуанг повторно бил именуван за извршен директор на компанијата. Неговиот повраток, наводно, дошол само две недели по оставката поврзана со скандал со наводни љубовни афери и сомнежи за контакти со лица поврзани со кинеските разузнавачки служби.

Според написот, одлуката за неговото враќање била донесена по притисок од американскиот претседател Доналд Трамп. Веста предизвикала силни реакции на светските берзи, а акциите на Нвидија забележале раст од околу 31 отсто. Хуанг, според Си-ен-ен, во понеделникот се вратил во седиштето на компанијата, каде што вработените го пречекале со овации. На снимките што се прошириле на интернет се слуша како им се заблагодарува: „Ви благодарам на сите за втората шанса“.

Скандалот што ја потресе компанијата

Според медиумските извештаи наведени во текстот, Хуанг поднел оставка по објавите за две наводни афери. Едната била со претприемачката Алис Хуанг, за која американски претставници наводно се сомневале дека соработува со кинеските разузнавачки служби, а другата со вработена во компанијата која директно му била подредена.

Прашањето за односот со директно подредена вработена предизвикало и дебата за корпоративната одговорност и почитувањето на кодексите на однесување. Надја Какбадсе, професорка по корпоративно управување и етика на бизнис-школата Хенли, оценила дека прифаќањето на оставката било правилна одлука.

Според неа, односот со директно подредена вработена, како и наводите дека Хуанг го довел во заблуда главниот правен советник на компанијата, не се само приватно прашање, туку и прашање на професионална одговорност.

Поддршка од технолошките лидери и политички реакции

Неговиот наводен повраток добил поддршка од влијателни имиња во технолошката индустрија. Сем Алтман од „ОпенАИ“ на социјалните мрежи кратко напишал „Џенсен!“, додека Илон Маск оценил дека „грешката е исправена“. Основачот на „Епик гејмс“, Тим Свини, го оценил враќањето како пример за способноста на американскиот бизнис и политички систем да ги исправат грешките.

Веста била дочекана со особено внимание и на Тајван, каде што Хуанг е роден. Нвидија и тајванскиот производител на чипови Ти-Ес-Ем-Си имаат значајна улога во технолошката индустрија, а нивното партнерство е важно и за тајванската економија. Во меѓувреме, според истиот извор, во американскиот Конгрес се појавиле критики поради околностите под кои дошло до неговото враќање, додека се водат истраги поврзани со сомнежи за кинеска шпионажа и заобиколување на американските ограничувања за извоз на напредни чипови.


Случајот повторно го отвори прашањето за врската меѓу технолошките компании, националната безбедност и политичкото влијание врз индустријата за вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс