Западнонилската треска годинава продолжува да се шири низ Европа, со најголем број регистрирани случаи во Италија. Според последните податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), до 17 септември во Европа се пријавени 1.482 локално стекнати случаи, од кои 652 во Италија. Во истата статистика се евидентирани и 66 случаи во Северна Македонија.
Италија годинава повторно е земја со најмногу пријавени инфекции. Националниот институт за здравство на Италија (ISS) во својот извештај од 17 септември наведе 657 потврдени случаи кај луѓе, од кои 345 биле невроинвазивни форми на инфекцијата. Регистрирани се и 51 смртен случај. Според здравствените власти и експертите, затоплувањето и подолгите топли периоди создаваат услови комарците да бидат активни подолг дел од годината, со што се продолжува и периодот во кој вирусот може да се пренесува.
Последните податоци на ECDC покажуваат дека до 17 септември биле идентификувани 180 подрачја погодени од вирусот во 16 европски земји. Покрај Италија, случаи се пријавени во Грција, Шпанија, Романија, Франција, Северна Македонија, Србија, Холандија, Хрватска, Кипар, Белгија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија и Косово.
Особено внимание привлекува ширењето на вирусот кон северните делови на Европа. Во Холандија годинава се регистрирани 29 локално стекнати случаи, а вирусот е забележан во 13 погодени подрачја. ECDC предупредува дека ширењето на западнонилската инфекција во нови региони е дел од поширокиот тренд поврзан со зголемениот ризик од болести што ги пренесуваат комарци.
Во август ECDC предупреди дека инвазивните видови комарци се воспоставуваат во сè поголем број делови од Европа. Зголемувањето на температурите, почестите топлотни бранови и подолгите топли сезони може да создадат поповолни услови за нивно ширење.
Западнонилскиот вирус најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Кај околу 80 отсто од заразените инфекцијата поминува без симптоми. Кај дел од пациентите може да се појават симптоми слични на грип, додека кај мал процент инфекцијата може да предизвика сериозно заболување на нервниот систем.
Ризикот од тешки форми е поголем кај постарите лица и кај луѓето со одредени хронични здравствени состојби.
Италијанскиот пример е особено значаен и поради развиениот систем за надзор. Таму се следат инфекциите кај луѓето, но и присуството на вирусот кај комарци и птици, како и кај крводарители. Затоа повисокиот број регистрирани случаи може делумно да ја одразува и поголемата способност за откривање и следење на инфекцијата.
ECDC, сепак, нагласува дека податоците од неделниот надзор се наменети за следење на тековната трансмисија и не треба да се толкуваат како целосна епидемиолошка проценка на ширењето на вирусот во Европа.