Вирусот Западен Нил повторно се шири во делови од Европа, а здравствените власти бележат зголемување на бројот на заразени и смртни случаи. Во Холандија досега се потврдени 18 инфекции, а три лица починале во последните неколку недели, соопшти Националниот институт за јавно здравје и животна средина (RIVM).
Првиот смртен случај во земјата бил потврден минатиот месец, непосредно откако бил регистриран и првиот случај на инфекција со вирусот Западен Нил во Холандија од 2020 година. Во меѓувреме биле регистрирани уште две смртни случаи во холандска болница.
Високите температури му помагаат на вирусот да се шири
Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец. Во најголем број случаи инфекцијата поминува без сериозни симптоми, но кај мал дел од заразените може да се развие тешка форма на болеста. Според Светската здравствена организација (СЗО), приближно едно од 150 заразени лица може да развие тешка форма на инфекцијата, која може да го зафати нервниот систем.
Ширењето на вирусот е тесно поврзано со условите во кои се размножуваат и преживуваат комарците. Повисоките температури може да им овозможат подолга сезона на активност, а со тоа и поголеми можности за пренесување на вирусот. СЗО предупредува дека климатските промени и почестите високи температури создаваат услови за проширување на подрачјата во кои комарците можат да го пренесуваат вирусот Западен Нил.
Раст на бројот на случаи и во други земји
Холандија не е единствената европска земја во која годинава се следи зголемување на бројот на инфекции. Според информациите што ги пренесува „Ројтерс“, случаи се регистрираат и во Грција и Италија. Зголемената циркулација на вирусот во Европа повторно го става во фокус прашањето за влијанието на високите температури и климатските промени врз ширењето на заразните болести што ги пренесуваат комарците.
За граѓаните, основната превенција останува заштитата од убоди – користење средства против комарци, носење облека што ги покрива рацете и нозете и избегнување изложеност во периоди кога комарците се најактивни.