Западнонилска треска во Македонија: 58 заболени и осум починати, сите жртви се мажи

Во Македонија годинава се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои осум завршиле со смртен исход. Најголем дел од заболените се постари од 60 години и се од Скопј

Во Македонија годинава е забележан значителен пораст на случаите на западнонилска треска. Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 8 септември се евидентирани 58 заболени, од кои 54 се лабораториски потврдени, а четири се класифицирани како веројатни случаи. Во текот на периодот од 2 до 8 септември се регистрирани два нови случаи, еден во Скопје и еден во Свети Николе. Во истиот период биле пријавени и два смртни исходи кај пациенти од Скопје.

Со новите податоци, бројот на починати достигна осум. Сите биле мажи, жители на Скопје, со просечна возраст од 71,9 години. Сите биле хоспитализирани, а кај седум од нив биле регистрирани и други здравствени состојби, односно коморбидитети.

Најголем дел од заболените се постари од 60 години

Од вкупно 58 случаи, 46 се мажи, а 12 се жени. Возрасната структура покажува дека болеста најчесто ги зафаќа повозрасните лица. Дури 47 заболени, односно 81 отсто од сите случаи, се на возраст над 60 години. Седум лица се на возраст од 50 до 59 години, едно лице е во групата од 30 до 39 години, а три заболени се на возраст од 20 до 29 години.

Просечната возраст на заболените е 66,1 година. Според местото на живеење, убедливо најголем број случаи се регистрирани во Скопје – 55. По еден случај има во Велес, Куманово и Свети Николе. Од вкупниот број случаи, 57 се автохтони, односно инфекцијата најверојатно е стекната во земјата. Еден случај е поврзан со патување во Грција, но периодот на инкубација опфаќа и престој во Македонија.

Август бил месецот со најмногу почетоци на симптоми

Кај најголем дел од заболените, симптомите започнале во август. Такви се 38 случаи, или 65,5 отсто од вкупниот број. Кај 17 лица симптомите се појавиле во јули, кај двајца во јуни, а кај еден пациент првите симптоми биле регистрирани во мај. Од 58 заболени, кај 56 е регистрирана невроинвазивна форма на болеста. Сите овие пациенти биле хоспитализирани – 55 во Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а еден во „Аџибадем Систина“.

Досега од болничко лекување се испишани 43 пациенти, додека пет лица сè уште се наоѓаат во болница.

Значителен скок во однос на претходните години

Западнонилската треска во Македонија првпат е регистрирана во 2011 година. Во периодот од 2011 до крајот на 2025 година биле евидентирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи, а пет лица починале како последица на болеста. Само во 2026 година бројот на регистрирани случаи веќе го надминува вкупниот број потврдени случаи од претходните 15 години, а бројот на смртни исходи е исто така значително повисок.

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека оваа година западнонилската треска претставува многу позначаен јавно-здравствен проблем отколку во изминатите години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс