Најголем дел од регистрираните случаи на западнонилска треска во земјава се лоцирани во Скопскиот регион и Велес. На терен веќе се спроведуваат вонредни прскања против комарци за да се спречи понатамошно ширење на вирусот.
Здравствените власти апелираат на зголемена лична заштита и предупредуваат дека климатските промени го проширија опсегот на тропските заразни заболувања надвор од медитеранскиот брег.
Епидемиолошките служби веќе спроведоа вонредни дезинсекции во радиус од 200 метри околу живеалиштата на инфицираните пациенти. Во скопско Драчево, каде што се потврдени пет случаи, се презеде третман од земја кој обезбедува поголема ефикасност во уништувањето на комарците во споредба со авионското прскање. Проверките покажуваат дека повеќето општини ги почитувале предвидените рокови за редовна дезинсекција, но сепак се налагаат дополнителни мерки.
Западнонилската треска е присутна во регионот со години, а вирусот не се пренесува директно од човек на човек, ниту пак преку комарец што претходно каснал заразен човек. Главен резервоар на вирусот се дивите птици, а комарците се единствениот преносител. Поради ова, заштитата бара елиминација на сите извори на застојана вода во дворовите и градините, како и употреба на лични средства за заштита од убоди.
За да се спречи евентуален пренос на вирусот преку крвни деривати, Институтот за трансфузиолошка медицина спроведува задолжителни дополнителни тестирања на даруваната крв.
„Заради минатогодишните случаи, решивме да издвоиме средства за тестирање на даруваната крв во Институтот за трансфузиологија за да спречиме пренос од крв“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Заразата веќе неколку сезони не е ограничена само на Медитеранот, туку регистрира експанзија кон северните делови на Европа. Во регионот најголем број случаи годинава се забележани во грчката област Атика, но инфекции се регистрираат и во подлабоката внатрешност на континентот.
Покрај западнонилската треска, во земјава се регистрирани и други увозни тропски инфекции, четири случаи на маларија, три на денга и еден случај на зика. Здравствените работници укажуваат дека граѓаните кои патуваат во тропските региони мора да применуваат мерки за заштита и веднаш да побараат медицинска помош доколку по враќањето развијат симптоми како висока температура и треска.