Казните од „Сејф сити“ ќе се плаќаат на мобилна апликација, а полицијата добива радари во колите

До крајот на годинава почнува казнувањето за непрописно паркирање на главните булевари, а системот се шири кон Струмица, Штип, Скопје и граничниот премин Блаце.

Од следната недела граѓаните добиваат мобилна апликација преку која ќе проверуваат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и директно ќе ги плаќаат казните. Паралелно, системот „Сејф сити“ (Safe City) се надградува со паметни камери и радари во полициските возила за автоматско регистрирање прекршоци, а неговата целосна имплементација низ државата ќе заврши до средината на 2027 година, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Новата дигитална алатка им овозможува на возачите брз увид во евентуалните прекршоци и електронско подмирување на глобите без чекање. Покрај апликацијата, до крајот на годинава во функција влегува и модулот за санкционирање на непрописното паркирање.

Фокусот на оваа контрола ќе биде ставен на главните булевари во Скопје и во другите градови, со посебен акцент на сообраќајниците по кои се движат автобусите од јавниот превоз. За разлика од другите прекршоци, казните за непрописно паркирање нема да се изрекуваат целосно автоматски. Секој запис ќе мора да го потврди полициски службеник, бидејќи камерите не можат со сигурност да разликуваат непрописно паркирано возило од автомобил што стои во колона поради сообраќаен метеж.

Надградбата на сообраќајниот надзор вклучува инсталирање паметни камери со радари во самите полициски возила. Овие мобилни единици ќе вршат автоматско регистрирање на прекршоците и во урбаните средини и на отворените патишта низ земјата.

Воведувањето на подвижните радари ќе се одвива етапно, паралелно со техничкото опремување на полицискиот возен парк и обуката на службениците. Камерите ќе бидат насочени и кон критичните сообраќајни точки каде што досега се регистрирани најголем број тешки несреќи.

Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР), во изминатите 35 години на патиштата во Македонија во просек гинеле по 150 лица годишно, додека годинава заклучно со денот на изјавата се регистрирани 85 жртви.


„Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена“ порача Тошковски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс