За загадена вода дознаваме од забрани и не им веруваме на институциите

Бидејќи државата реагира дури откако бактерии и арсен ќе стигнат во чешмите, граѓаните лесно наседнуваат на шпекулации за квалитетот на водата.

Ова лето ги покажа предизвиците на државните институции за обезбедување на безбедна и чиста вода за пиење за граѓаните, но и ниската доверба на граѓаните во институциите.

Забрани за пиење вода поради загадување, откриено при вонредни инспекции на Агенцијата за храна и ветеринарство летово имавме во Гостивар, Валандово и Крушево, меѓу другите, а последната ситуација, со шпекулациите за водата во Скопје, само покажува дека ситуацијата е алармантна.

Во Гостивар забраната за пиење трае од 17 јули, откако инспекциски надзор откри дива, неодобрена пумпа во главниот цевковод која директно вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем. Лабораториските анализи покажаа присуство на колиформни бактерии кои се уште се чистат од системот.

Валандово помина низ пократка, но слична криза. На 22 јули беше воведена забрана откако анализите покажаа зголемено ниво на арсен, 14 микрограми на литар наспроти максимално дозволените 10. Јавното претпријатие „Комунален сервис“ подоцна беше критикувано затоа што цела седмица не ја информирало јавноста за решението на АХВ, добиено уште на 16 јули. По вондредна анализа, забраната беше укината на 24 јули.

Забрана имаше и во Крушево, каде што на 20 јули примероците покажаа неисправност на водата.

Но додека овие градови се соочуваа со последиците од загадената вода, во Скопје тлее проблемот за водата со пиење. Обвинителството отвори истрага за загадување со отпад покрај изворот Рашче, откако граѓани на социјалните мрежи споделија видеа и фотографии од дива депонија, веднаш до изворот од каде што вода пие главниот град.

Од Град Скопје излегоа со уверување дека депопнијата не влијае врз изворите на Рашче и дека проблемот, као што кажаа постоел веќе 30 години.

Но, посериозен е проблемот со депонијата од 900.000 кубни метри јаловина богата со хром која се наоѓа во близина на поранешната фабрика „Југохром“. Иако физички оддалечена, преку подземни водени текови таа претставува директна закана за изворот Рашче, главниот водоснабдителен ресурс за Скопје.

Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, претходно годинава, предупреди дека ризикот е реален, не хипотетички: водата од јаловината веќе се слева во реките, а можноста за понирање на шестовалентен хром во подземните води на Рашче постои. Ако до тоа дојде, изворот нема да биде само привремено небезбеден, туку трајно изгубен. Шестовалентниот хром е канцероген и смртоносен, а не постои технологија што може да прочисти вода со таков степен на контаминација во природни водоносни слоеви. Лешоска посочи и системски проблем: голем број рурални средини во земјава немаат легален водоснабдителен систем, поради што нелегалните активности во близина на зафатните места стануваат структурален ризик, а не исклучок.

Ништо подобро не е ситуацијата и со езерата во државава. Преспанското Езеро континуирано губи вода од крајот на минатиот век. Трилатерална работна група во рамки на проектот „Преспанет III“ анализираше над 120 научни документи и утврди дека главните причини се намалените врнежи и прекумерното зафаќање вода за наводнување, а не тектонски активности, како што дотогаш се шпекулираше. Пониското ниво веќе влијае врз мрестилиштата на рибите, крајбрежјето и влажните ливади. Научниците притоа посочија дека податоците за потрошената вода се расцепкани меѓу Албанија, Грција и Северна Македонија, а мониторингот во дел од сливот целосно недостасува.

Истиот образец се гледа и пошироко низ континентот. Според најново научно истражување, екстремните горештини забрзано ги испаруваат водните резерви низ Европа, а последиците веќе се чувствуваат во Романија и Грција, каде што ниското ниво на реките го отежнува бродскиот транспорт и земјоделството. Франција, пак, стравува за домашното производство поради долготраен недостиг на вода.

Водата станува сè поретка, а системот за нејзина заштита сè уште реагира откако штетата веќе е направена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс