Унгарските власти покренаа истрага за заемот од една милијарда евра што претходната влада во Будимпешта ѝ го одобри на Северна Македонија преку државната Ексимбанк. Премиерот Петер Маѓар соопшти дека Министерството за економија и енергетика веќе пријавило четири случаи во полицијата поради сомневања за злоупотреба, небрежно управување и кривични дела поврзани со банкрот.
Сомнежот на новите власти во Будимпешта произлегува од фактот што заемот за Северна Македонија е одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти и со стопроцентна владина гаранција. Оваа стапка е значително поповолна од условите под кои унгарските граѓани и домашните компании земаат кредити, но и од цената по која самата унгарска држава се задолжува на пазарот.
Според Маѓар, постои основано сомневање дека претходната влада искористила средства наменети за поддршка на домашната економија за да зајакне странски политички сојузник. Истрагата треба да утврди дали преку овој договор потенцијално биле фаворизирани и блиски приватни компании.
Покрај македонскиот кредит, под полициска проверка се наоѓа и африкански инфраструктурен проект за кој Ексимбанк и Унгарската банка за развој дале гаранција од 394 милиони долари.