„Зад прозорецот“: театарско-танцов перформанс за тишината меѓу двајца луѓе

Вечерва во просторот кај старата Учителска школа во Центар, ќе се одржи мултимедијалниот перформанс „Зад прозорецот“, отворен формат во кој публиката се движи низ просторот, скенира QR кодови и влегува во интимни приказни за отуѓеност, навика и неискажана болка во партнерските односи.

Мултимедијалниот театарско-танцов перформанс „Зад прозорецот“ ќе се одржи денес, од 19 до 20 часот, на порталот на старата Учителска школа во Општина Центар. Влезот за перформансот ќе биде од страната на Младинскиот центар „Матично“, на Булевар Илинден 75.

Перформансот произлегува од идејата за отворен театар, простор надвор од класичните институционални сцени, каде што публиката не е само набљудувач, туку дел од искуството. Наместо да седи во сала, таа слободно се движи низ просторот, застанува, набљудува и останува онолку долго колку што чувствува дека е потребно.

Прозорецот како граница меѓу јавното и приватното

„Зад прозорецот“ го користи прозорецот како симбол на границата меѓу она што се гледа и она што се крие, меѓу јавната слика и приватната вистина. Перформансот отвора интимна и болна тема: партнери кои живеат под ист покрив, но се емоционално далечни еден од друг.

Преку физички, невербален театар, аудио приказни, фотографии и дигитални медиуми, проектот зборува за непријатната тишина меѓу двајца луѓе, за врските што опстојуваат од страв, навика или притисок од заедницата, а не од љубов.

Гледачите ќе можат да скенираат QR кодови преку кои ќе пристапуваат до фотографии и аудио записи инспирирани од секојдневни приказни полни со дистанца и недостиг на љубов. На тој начин, перформансот ги поставува прашањата за современите партнерски односи, отуѓеноста и храброста да се избере искреност наместо молчење.

Отворен перформанс како изложба низ која се движи публиката

Перформансот е од отворен тип, замислен како изложбено искуство низ кое публиката може слободно да се движи. Посетителите можат да пристигнат во кој било момент во периодот од 19 до 20 часот.

Авторството е колективно, а перформери се Енџи Николоска и Бојан Лазаров. Аудио записите, фотографиите во просторот и сценските движења се инспирирани од реални секојдневни приказни за партнерска дистанца, тишина и врски што однадвор изгледаат стабилно, а одвнатре се одамна испразнети.

Бидејќи во перформансот се користат дигитални медиуми, за целосно доживување публиката треба да понесе свои слушалки и мобилен телефон со интернет и наполнета батерија.

Перформансот се препорачува за посетители постари од 16 години.

Проектот е финансиски поддржан од Општина Центар и е дел од Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2026 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс