Заборавете на програмерите: Еве кои работници се најбарани во ЕУ во 2026 година

Европскиот пазар на труд во 2026 година се соочува со огромен недостиг на работници. Еве кои пет категории имаат речиси 3 милиони слободни работни места.

Додека вниманието на јавноста е насочено кон тоа како вештачката интелигенција ќе ги промени професиите и дали ќе замени голем број работници, европскиот пазар на труд испраќа поинаква порака. На европските компании во моментов им недостигаат милиони работници и тоа не само во ИТ-секторот.

Најголемиот недостиг е кај техничките, производствените, транспортните и други практични професии, без кои европската економија тешко може да функционира.

Овие пет категории имаат речиси 3 милиони слободни места

Според податоците наведени во анализата, најбарани се: Технички работници – 731.953 слободни места, aдминистративни и канцелариски професионалци – 630.033, rаботници во металопреработувачката и машинската индустрија – 596.701, oператори на машини и постројки – 522.808 и возачи и работници во транспортот и логистиката – 519.386

Само овие пет категории опфаќаат речиси три милиони непополнети работни места низ Европа.

Не бараат сите земји ист кадар

Потребите значително се разликуваат од земја до земја. Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија имаат особено голема потреба од технички работници.

Во Финска е изразена побарувачката за ИТ експерти, додека Шведска, Швајцарија и Норвешка се соочуваат со сериозен недостиг на здравствени работници, што дополнително се продлабочува поради стареењето на населението. Во јужниот дел на Европа, пак, побарувачката е поинаква.

Шпанија, Португалија, Малта и Данска бележат голема потреба од работници во личните услуги и угостителството.

Европа има проблем што не може лесно да се автоматизира

Податоците покажуваат дека, и покрај брзиот развој на вештачката интелигенција и автоматизацијата, европските економии и понатаму имаат огромна потреба од луѓе. Машините можат да променат дел од работните процеси, но во голем број сектори сè уште се потребни техничари, механичари, оператори, возачи, производствени работници, здравствени кадри и работници во услугите.

Токму затоа европскиот пазар на труд во 2026 година покажува интересен парадокс: додека се стравува дека технологијата ќе „ги земе работните места“, компаниите во исто време не можат да најдат доволно луѓе за огромен број постојни позиции.

За работниците од регионот, тоа значи дека побарувачката во Европа не е концентрирана само во ИТ-секторот. Напротив, голем дел од можностите се токму во професии за кои се потребни практични и технички вештини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс