Кога технологијата се развива со огромна брзина, а дигиталното секојдневие носе нови ризици за најмладите, технолошките лидери имаат обврска да понудат повеќе од обична мрежа. Во новото интервју за магазинот „Економија и бизнис“, генералниот директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, истакнува дека клучниот предизвик денес е заштитата на корисниците и сузбивањето на говорот на омраза на интернет.
Додека компанијата отвора ново поглавје со воведувањето на 5G+ мрежата и инвестициите во вештачка интелигенција, првиот човек на Телеком нагласува дека технолошкиот напредок мора да биде следен од суштинска грижа за заедницата. Потребата од рамнотежа меѓу дигиталната слобода и безбедноста на најмладите останува еден од најголемите современи предизвици.
„Нашата одговорност не завршува со конекцијата. Ако сме лидери во технологијата, мора да бидеме лидери и во одговорноста. Ова за мене не е само корпоративна тема. Јас сум родител и знам колку е тешко да се најде рамнотежа меѓу слободата децата да го истражуваат дигиталниот свет и потребата да ги заштитиме. Тие растат со можности, но и со ризици што ние ги немавме на нивна возраст“, истакнува Марковиќ.
Како дел од напорите за создавање побезбедна средина, компанијата работи на подигнување на свеста и преземање конкретни чекори преку институционални и партнерски платформи насочени кон младите.
„Затоа сме посветени на борбата против омразата на интернет. Поттикнавме национална иницијатива заедно со Министерството за образование и наука, а преку партнерство на Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ го развиваме младинското движење #НетБезХејт“, наведува Марковиќ, додавајќи дека компанијата активно придонесува и во културни, спортски и едукативни проекти низ земјата.
