Европската комисија во најновиот извештај за Македонија нотира сериозно нарушување на независноста на правосудството и директен притисок врз медиумите. Додека судството се соочува со закани од највисоките нивоа на власта и празен буџет што го блокира приемот на нови кадри, новинарите регистрираат остар скок на тужбите за навреда и клевета.
Судскиот систем останува под постојано надворешно влијание, соопшти Европската комисија во делот за функционирање на правосудството. Провокативните изјави на високи функционери за планови за чистење на судовите и обвинителствата, заедно со личните напади кон судии, претставуваат недозволено мешање и обид за заплашување.
Притисокот кулминираше во ноември 2025 година, кога Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заеднички став против постојаните критики од власта. Во документот на Брисел овој потег е оценет како чекор без преседан за заштита на поделбата на власта.
Покрај политичките напади, судовите работат со буџет од само 0,29 отсто од БДП, што е далеку под законскиот минимум од 0,8 отсто. Поради недостиг на средства во државниот буџет за 2026 година, Академијата за судии и обвинители го поништи конкурсот за прием на 130 кандидати. Со ова, државата нема да добие нови судии и обвинители сè до 2028 година, во услови кога во правосудството веќе недостигаат 221 судија и 67 јавни обвинители.
Слободата на изразувањето бележи целосна стагнација со оценка нула за напредок. Во текот на 2025 година се поднесени 40 тужби за навреда и клевета против новинари, што претставува остар скок во споредба со регистрираните 15 случаи во 2024 година.
Здружението на новинари на Македонија пријавило пет тешки прекршувања на новинарските права, меѓу кои палење на имот на новинар, насилен упад во медиумска редакција и организирано онлајн вознемирување на новинарки.
Брисел упатува посебна критика за враќањето на платените владини кампањи во приватните медиуми, оценувајќи дека тоа создава ризик од политичко влијание врз уредувачката политика и ја нарушува независноста на медиумскиот пазар.
Во поглавјето за спречување на корупцијата нема никаков напредок. ЕК констатираше дека законските измени од јануари 2026 година не ги отстранија штетните последици од спорните измени на Кривичниот законик од 2023 година.
Предметите за корупција на високо ниво често застаруваат, а конфискацијата на нелегално стекнат имот останува една од најслабите институционални алки.
