Четири фирми доставиле понуди на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси што го распиша Министерството за транспорт. Според информациите од Министерството, тендерската постапка е затворена, а во тек е законскиот рок за прием на евентуални понуди пристигнати по пошта.
Од таму велат дека по Велигденските празници ќе започне евалуацијата на пристигнатите понуди. Доколку тендерот заврши успешно, првите 30 автобуси треба да пристигнат во септември.
Од вкупно 150 автобуси, 100 се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови во државата.
Според техничката спецификација објавена на страната на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност на набавката изнесува 51 милион евра. Автобусите треба да бидат во црвена или бела боја, да имаат најмалку 33 седишта и капацитет за најмалку 66 патници.
Со набавката е предвидено и поставување на 75 станици за полнење, со моќност од најмалку 120 киловати по едно приклучно место.
Ова е втор обид на Владата за набавка на електрични автобуси, откако првиот тендер, објавен во јуни, пропадна бидејќи единствената фирма што се пријавила не ги исполнила условите.
Извор: Сакам да кажам