Кога охридскиот бисер станува современ луксуз: YOVA и семејството Талеви во уникатна модна приказна

Македонскиот бренд YOVA во новата колекција „Blossom“ за пролет/лето 2026 ја спои современата мода со традицијата на охридскиот бисер. Во соработка со семејството Талеви, создадени се модели што ги поврзуваат рачната изработка, локалното наследство и современиот дизајн.

Во време кога модата сè повеќе се насочува кон автентичност и одржливи вредности, македонскиот бренд YOVA претстави соработка што ја спојува традицијата со современиот луксуз. Во рамки на колекцијата „Blossom“ за сезоната пролет/лето 2026, брендот соработува со семејството Талеви, познато по изработката на оригиналниот охридски бисер.

Screenshot

Соработката претставува спој на два автентични занаета – рачното хеклање и традиционалната изработка на охридски бисери. Резултатот е моден производ кој носи силен културен идентитет и современа естетика.

Централно место во колекцијата има моделот „Бисера“, кој е изработен со рачно хеклана структура и вклучува 29 охридски бисери, по еден за секој хеклан цвет. Според брендот, секој детал е внимателно изработен со цел традиционалните техники да добијат нов, современ израз.

Посебно внимание привлекува чоколадно кафеавата верзија на моделот „Бисера“, која е лимитирано издание. Во неа се вградени 29 автентични охридски бисери во златна нијанса, рачно обработени со традиционална охридска емулзија специјално развиена за YOVA.

Охридскиот бисер со децении се смета за едно од најпрепознатливите обележја на македонското културно наследство, а неговото вклучување во современ дизајн претставува начин за зачувување и промоција на локалната традиција пред поширока публика.

Од YOVA велат дека преку оваа колекција сакаат да покажат дека традицијата не е ограничување, туку инспирација за современа креативност. Дополнителна вредност на проектот е тоа што во изработката учествува тим на занаетчии со искуство во работа за реномирани светски брендови.

Во оваа модна приказна, луксузот не се дефинира преку трендови, туку преку рачната изработка, приказната и културната вредност вложена во секој детал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс